Плакат за изложбата „Играта која останува“ во галеријата „Метаноја“

Поклоник на симболизмот во сликарството ќе има самостојна изложба во „Метаноја“

Во галеријата „Метаноја“ на 26 јуни, во 19 часот, ќе се одржи отворањето на изложбата „Играта која останува“ на Боре Митовски.

Боре Митовски е роден во 1964 година во селото Конопница, кај Крива Паланка, во Македонија. Во 1985 година, се преселил во Словенија, поточно во Стара Гора кај Нова Горица, каде што живее и денес, заедно со својата сопруга, трите ќерки и петте внучиња.

Како голем љубител и поддржувач на уметноста, во Шемпетер кај Hова Горица ја основал сопствената галерија – Галерија „Стопа“, каде што редовно се претставуваат неговите дела, како и делата на други уметници.

Низ годините организирал и настапувал на бројни самостојни и групни изложби. Во 2023 година првпат изложувал во Белград, а со истата изложба се претставил и во Скопје и Кочани.

Осврт кон творештвото на Боре Митовски напишаа рецензентите д-р Коста Милков и м-р Ева Мештровиќ.

„Како поклоник на симболизмот во сликарството Боре Митовски насликал слика која ја именувал ‘Сон’. Во негов препознатлив стил, композицијата го привлекува погледот кон средината со две фигури кои би можеле да претставуваат разни нешта. Опкружени се со блесок што се разлева од бела кон жолта, темно жолта/зелена и монохроматски сина. Кога е создадена оваа слика? Кога авторот ја сонувал или кога ја сликал? Дали е ова можеби сон во сон? Дали секој од нас набљудувачите на сликата покрај тоа што ќе ја гледа треба и да ја отсонува? А сепак која е смислата што било од потсвесното и од ониричното да се сподели со другите?“, загатнува д-р Коста Милков.

„Митовски ги гради сликите како автономни просторни системи во кои секој елемент поседува сопствена тежина и функција. Геометриските форми, кружните структури, цевчестите фрагменти, кристализираните волумени и архитектонските маси не се појавуваат како препознатливи предмети од реалноста. Тие делуваат како остатоци од некаков внатрешен јазик – знаци чие значење повеќе не се наоѓа во нивната употребна функција, туку во нивниот меѓусебен однос“, напиша м-р Ева Мештровиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот