Безвременска приказна во која може да се препознае секоја современа жена и девојка
Во Народен театар Битола на 25 јуни, во 20 часот, ќе биде изведена премиера на претставата „Госпоѓа Бовари“ во режија на Дејан Пројковски.
Препорачано
Премиерата на претставата беше најавена на прес-конференција, а пред претставниците на медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, кој истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што режисерот Дејан Пројковски е дел од најновата продукција на театарот.
„Тешко е да се зборува за Дејан Пројковски без да се употребат зборови како врвен уметник и театарски гигант. Иако денес е препознаен и ценет насекаде, за нас тој е, пред сè, битолчанец и човек кој секогаш се враќа дома. Затоа ми е особено драго што токму тој ја режира оваа претстава“, истакна Мавровски.
Тој нагласи и дека претставата се реализира во соработка со ЈОУ Културен и информативен центар – Битола, а е дел од програмата на Битолското културно лето „Бит-фест“, уште еднаш потврдувајќи ја заложбата на културните институции во градот за создавање на врвни културни настани.
На прес-конференцијата се обрати и режисерот Дејан Пројковски, кој упати искрена благодарност до Народниот театар Битола и до директорот за поканата и довербата да ја реализира оваа претстава. Тој не ја криеше благодарноста ниту кон актерската и техничката екипа, истакнувајќи дека зад претставата стои огромна посветеност, труд и љубов кон театарот.

Пред медиумите се обратија и актерката Маја Андоновска Илијевски, која го толкува ликот на Ема Бовари, и Никола Стефанов во улогата на Леон. Двајцата актери со голем ентузијазам зборуваа за соработката со Пројковски и за креативниот процес низ кој поминале во текот на подготовките. Тие истакнаа дека ликот на Ема Бовари и денес е исклучително актуелен и дека секоја современа жена и девојка ќе може да препознае дел од своите соништа, желби, разочарувања и стремежи во оваа безвременска приказна.
Во уметничката екипа асистент на режија е Андреј Цветановски, драматург е Сашо Димовски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, кореограф е Олга Панго, композитор на музиката е Горан Трајкоски, видеодизајнот е на Сергеј Светозарев, светло мајстор е Игор Мицевски, а тон-мајстор е Александар Димовски. Видеооператор е Владимир Переловски, инспициент е Оливер Петровски, а суфлер е Гордана Михајловска.
Во претставата играат Маја Андоновска Илијевски, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Сандра Грибовска Илиевска, Петар Мирчевски, Борче Ѓаковски и Ива Лазарова.


