Собранието ги донесе законите за судска и јавнообвинителска служба: Нов систем на плати, вработувања и одговорност
Собранието денеска го донесе Законот за судска служба, кој Министерството за правда го нарекува „еден од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството усогласен со Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028“. Исто така, донесен е и Законот за јавнообвинителска служба, за кој велат дека се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„(Со Законот за судска служба) се надминуваат долгогодишните слабости во функционирањето на судската служба и се создаваат услови за поефикасна работа на судовите, преку јасно дефинирање на улогата и статусот на судските службеници“, соопштуваат од Правда.
Една од најзначајните новини е тоа што судските стручни службеници добиваат статус на посебни административни службеници, односно стануваат посебна категорија вработени во судската власт со сопствен законски режим.
„Се воспоставува нов и пофункционален систем на класификација на работните места, преку дополнување на категориите, нивоата и звањата на судските службеници согласно реалните потреби на судовите. Со ова се надминуваат долгогодишните практични проблеми поврзани со несоодветната класификација на работните места преземена од системот на административни службеници. Истовремено, се воспоставува нов систем на вработување и унапредување, специјално прилагоден на судската служба“, велат од министерството.
Со новото законско решение, од МП посочуваат, дека значително се зајакнува и институционалната независност на судската власт. Судскиот буџетски совет ќе има централна улога во кадровското планирање, без потреба од претходна согласност од извршната власт.
„Законот воведува и нов систем на плати, со кој зголемувањата предвидени со колективните договори стануваат составен дел од основната плата, обезбедувајќи стабилен, предвидлив и правичен систем на вреднување на трудот на судските службеници. Истовремено, прецизно се уредува статусот на судската полиција, чии припадници добиваат бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите категории вработени во судовите, со јасно дефинирани права, обврски и одговорности“, нагласуваат од министерството.
Во однос на Законот за јавнообвинителска служба, според Правда, тој воведува посебен систем за управување со човечките ресурси, со поедноставени и поефикасни постапки за вработување, намалена зависност од надворешни институции и избор на најстручните и најквалитетните кадри.
„Особено внимание е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Се воспоставува јасна вертикална кариера и реални можности за професионално напредување до највисоките раководни позиции во службата. Со законот значително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените, што дополнително придонесува за изградба на професионална, независна и одговорна јавнообвинителска служба“, наведува министерството.
Една од најзначајните придобивки, велат оттаму, е и унапредувањето на материјалната положба на вработените.
„Законот воведува нов систем за пресметка на платите, со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата. Со тоа се обезбедуваат поголема финансиска сигурност, правична валоризација на трудот и подобра мотивација на вработените, а согласно колективниот договор предвидено е и етапно зголемување на платите“, посочуваат од Правда.
Истовремено, се воспоставува потранспарентен и поефикасен систем на дисциплинска одговорност, со прецизно дефинирани дисциплински повреди, дисциплински комисии и право на жалба пред Советот на јавнообвинителска служба, со што, велат тие, се гарантира дополнителна заштита на правата на службениците.
„Законот овозможува и поголема флексибилност во управувањето со човечките ресурси преку појасно уредени механизми за распоредување и преземање на службеници меѓу јавните обвинителства, со што ќе се обезбеди побрзо пополнување на работните места и поефикасно искористување на расположливите кадровски капацитети“, нагласуваат од министерството.


