Топлотен бран во Германија / Фото: EPA/CLEMENS BILAN

Европа најбрзо се загреала за три децении и руши рекорди со температурите, предупредува Светската метеоролошка организација

Европа се загреала побрзо од кој било друг регион во светот во последните три децении, со просечен пораст на температурите од околу 2 степени, додека силен топлотен бран го зафаќа голем дел од континентот, соопшти Светската метеоролошка организација (СМО), пренесува Анадолу.

Раководителот за климатски мониторинг во СМО, Џон Кенеди, за Анадолу изјави дека Европа моментално се соочува со исклучително високи температури и дека речиси секојдневно се рушат нови температурни рекорди.

Во делови од Шпанија и Франција температурите надминале 40 степени, додека повеќе од 50 француски департмани се под највисоко ниво на црвено предупредување за топлотен бран. Велика Британија, исто така, го регистрираше најтоплиот јуни досега.

Франција руши рекорди со температурите — прогласен „црвен аларм“ во 72 департмани

Кенеди предупреди дека високите ноќни температури се меѓу најопасните аспекти на тековниот топлотен бран, бидејќи температурите над 20°C не дозволуваат телото да закрепне од дневната жештина.

Тој истакна дека продолжената изложеност на високи температури го зголемува ризикот од заболувања и смрт, особено кај ранливите групи како мали деца, постари лица, бремени жени и работници на отворено.

Кенеди додаде дека подобрените временски прогнози овозможуваат предупредување за топлотни бранови и до 7–10 дена однапред, што им дава време на властите да преземат мерки за заштита на населението.

Тој нагласи дека тековниот топлотен бран е предизвикан од временски системи, но дека Европа истовремено доживува долгорочен тренд на затоплување поврзан со климатските промени, со пораст од околу 2 степени во последните 30 години.

Според него, зголемената зачестеност и интензитетот на екстремните топлотни настани е резултат на акумулацијата на стакленички гасови во атмосферата.

Топлотниот бран во Европа ги затвора училиштата и e опасен по здравјето на луѓето, предупреди директорот на СЗО

 

Кенеди објасни дека сегашниот топлотен бран е засилен од т.н. модел „Омега блокирање“ — висок притисок заробен меѓу два ниски системи што ја компресира и загрева атмосферата.

Тој додаде дека овој модел овозможил топлиот воздух од Северна Африка да се шири кон Европа, дополнително зголемувајќи ги температурите.

Иако сè уште не е направена официјална анализа за конкретниот топлотен бран, Кенеди посочи дека претходните студии покажале дека климатските промени ги прават ваквите настани потопли и поинтензивни.

Тој потсети и на катастрофалниот топлотен бран во Европа во 2003 година, кога починале околу 70.000 луѓе, предупредувајќи дека целосните последици од сегашниот бран ќе бидат познати дури по анализата на податоците за смртноста.

Сезонските прогнози укажуваат на голема веројатност за натпросечни температури во Европа до крајот на летото.

Кенеди ги повика граѓаните да ги следат препораките на метеоролошките служби, да избегнуваат изложување на сонце во најтоплите часови, да внесуваат доволно течности, да престојуваат на ладни места и да се грижат за ранливите лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот