Власта сè уште им се заканува на судии и на обвинители
Власта најавува пресметка со уште неколкумина, како што вели, корумпирани судии и обвинители, и покрај тоа што Европскиот парламент во финалниот документ за напредокот на земјава во евроинтеграциите побара политичарите да се воздржат од политичко мешање во судството.
Препорачано
Критиките за борбата со корупцијата и правосудството влегоа во Извештајот на известувачот за Македонија, европратеникот Томас Вајц, а Европскиот парламент го усвои овој документ.
Политичарите да се воздржат од политичко мешање во судството, но и загриженост за длабоките структурни слабости и негативните трендови во функционирањето на судството, вклучително и несоодветното финансирање и екипирање на судските институции, што ја поткопува неговата независност, е оцената во Извештајот на состојбите во македонското судство.
Во делот на „владеење на правото“ се нагласува важноста на заштитата на интегритетот и независноста на судството, вклучително и преку зајакнувањето на Судскиот совет, во согласност со препораките на Оценската мисија, кои не беа внесени во новиот Закон за судски совет, кој беше донесен во декември лани.
– Се изразува загриженост, бидејќи измените на Кривичниот законик во Северна Македонија ги скратија роковите за застарување и ги намалија казните за корупција на високо ниво и злоупотреба на службена должност; ги поткопаа тековните судски постапки, вклучувајќи ги и случаите од висок профил, создавајќи перцепција за неказнивост за истакнати политички актери и дополнително ослабувајќи ја довербата на јавноста во судството. Се повикуваат надлежните органи да обезбедат соодветно следење на случаите на потенцијални злосторства од омраза, вклучително и оние што се однесуваат на етнички групи и заедници – се вели во финалниот документ што беше усвоен завчера.
Мицкоски: Ќе го поразиме „последниот нивен жилав бастион“
За Европа е необјаснив јазот меѓу формално објавените истраги за корупција и судските наоди за вина во случаите на корупција на високо ниво. Оттаму ја повикуваат македонската влада да ја подобри имплементацијата на националната стратегија против корупцијата и да усвои нов кривичен законик, во согласност со законодавството на ЕУ и со меѓународните стандарди.
– Со загриженост се забележува дека одложувањата во судските постапки и ограничувањата на ресурсите продолжуваат да го попречуваат воспоставувањето на робусна евиденција за случаи на корупција на високо ниво. Се повикува особено на истраги и конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, што би можело да послужи како пример дека корупцијата се решава на сите нивоа и дека нема да има неказнивост – пишува во Извештајот.
Овие наводи не се нови и се повторуваат во секој европски документ во делот на правосудството.
Откако беше усвоена резолуцијата во Европскиот парламент, премиерот Христијан Мицкоски, во говорот на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ се закани дека ќе ги поразат и малкутемина судии и јавни обвинители што останале на функција.
– Втората тема, за којашто сакам да зборувам, а за која честопати добиваме и критики дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да го повторам тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници за да правиме естрада од она што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе што од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу. Во изминативе две години се изведоа пред лицето на правдата врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори, и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови специјалци во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се. Со криминалот и криминалците пакт и сојуз нема. Затоа се немирни, затоа се нервозни. Последниот нивен жилав бастион се малкумина корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги поразиме наскоро. И ќе одговараат од прв до последен – рече Мицкоски.
Савески побара финансиска независност за Обвинителството
Додека тој зборуваше на роденденот на партијата, републичкиот јавен обвинител испрати апел до власта од телевизиско студио и побара финансиска независност за Обвинителството, иако не појде на јавната дебата на која синдикатите и судските и обвинителските службеници жестоко ги нападнаа предлог-законите за јавнообвинителска и судска служба.
За првпат Савески кажа дека имаат позитивни сигнали од Министерството за финансии и одобрување за вработување 10 истражители и тројца јавни обвинители, но неизвесно е дали пратениците ќе ги прифатат забелешките на законите за службите што предупредија дека носењето на предложените закони може да ги испразни и обвинителската и судската служба, кои Савески ги нарекува крвотокот на службите.


