Каја Калас / Фото EPA-EFE/TOMS KALNINS

Израел: Го прекинуваме контактот со Каја Калас

Израел објави дека ќе ги прекине контактите со шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, поради обвинувањата дека го споредила израелскиот третман на Палестинците со апартхејдот во Јужна Африка. Таа, пак, возврати дека останува посветена на односите со таа земја.

„Немам друг избор освен да ги прекинам сите контакти со Калас сè додека не ја повлече оваа крвава клевета што ја упати кон единствената еврејска држава во светот, која е исто така и единствената демократија на Блискиот Исток“, напиша денеска израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар на Икс.

Дигиталниот медиум „Еурактив“ минатата недела објави дека Калас ги дала забелешките во мај за време на посетата на Мексико. Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, му одговори на својот израелски колега дека ЕУ останува посветена на конструктивен однос со Израел.

„Го ценам нашиот дијалог и ангажман и сум отворена да продолжам во тој дух, со почит и конструктивно. За да се донесе мир на Блискиот Исток, решението со две држави останува единствениот одржлив пат. ЕУ ги осуди нелегалните израелски населби на Западниот Брег, кои го отежнуваат постигнувањето на оваа цел. Ова е ставот на ЕУ“, напиша Калас на Икс во објава упатена до Сар, објави Ројтерс.

АФП објави дека Сар веднаш ѝ возвратил на Калас, велејќи дека неговата одлука „ќе остане непроменета“ сè додека таа не разјасни дали го употребила зборот „апартхејд“.

„Ситуацијата е едноставна: ако навистина сте ги дале овие озлогласени и клеветнички изјави, признајте го тоа. Ако не сте го направиле тоа, негирајте го. Додека не се открие вистината, мојата одлука ќе остане непроменета“, додаде израелскиот министер за надворешни работи.

Израел контролира околу 64 проценти од Појасот Газа, кој беше срамнет со земја за време на двегодишната израелска офанзива по нападите на Хамас врз јужен Израел, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон крајот на мај ѝ нареди на израелската војска да ја прошири контролата на 70 проценти од тесната крајбрежна палестинска територија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот