Меѓународно поетско читање „Меридијани“ на СВП

Во тек се 65. Струшки вечери на поезијата: Место каде што зборот станува мост меѓу народите

Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т’га за југ“ на 24 јуни во Домот на поезијата во Струга почна 65-тото издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата.

Струга повторно стана дом на поети од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство. Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.

На јубилејните 65. Струшки вечери на поезијата, кои годинава се одржуваат од 24 до 29 јуни под мотото „Каде што живее поезијата“, учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. Покрај добитничката на „Златен венец“ за 2026 година Анеке Брасинга од Холандија и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, учествуваат и еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија…

Претходно, холандската поетеса Анеке Брасинга, добитничка на највисокото признание „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, на прес-конференција во Струга изрази задоволство што се вброи во редот на најзначајните светски творци, добитници на наградата. „Бев многу трогната од тоа внимание. Јас сум првиот холандски поет што ја добива оваа награда и тоа ми претставува голема чест. Со тоа се оддава почит на холандската поезија. Холандскиот јазик се зборува во една многу ограничена област. Многу поети од други култури се пренесени на холандски јазик: Данте, Шекспир, Чехов… Како мал јазик, ние секогаш се храневме од она што се создаваше на другите јазици и тоа е една од двете причини зошто бев преведувач. Таква една размена дава одредена космополитска слобода, налик на Еразмус и Спиноза и многу други“, рече Брасинга.

Меѓународно поетско читање „Меридијани“ на СВП

Поетските фестивали, како Струшките вечери на поезијата, според неа, имаат свој одек дури и многу подоцна откако ќе престанат самите настани. „Тоа е метафора. Поезијата е сама по себе метафора на заемното разбирање што оди понатаму од рационалното, до сочувството, до почитувањето во однос на сите наши борби, надвор и во нас. Секој израз е показ на нашата свест, како човечки суштества, на универзалниот јазик кој е нужен за опстанокот на цивилизацијата. И многу сум благодарна што учествувам на овој меѓународен поетски фестивал во Струга. Покрај тоа, дел од мојата поезија се преведува на вашиот јазик и е објавена овде во Македонија. Тоа ме исполнува со голема радост и со голема благодарност, затоа што претставува природен развој на еден поетски регион. Поезијата е еден вид храна за душата и тоа е она што сакав да го кажам кога ја добив информацијата за наградата“, рече Брасинга.

Градот Струга и оваа година е светска престолнина на поезијата, место каде што зборот станува мост меѓу народите, а уметноста – универзален јазик на поврзување.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот