Фото: mkd.basketball

Ташовски: Со помалку грешки од наша страна ќе одиме на успех

Македонската кошаркарска сениорска репрезентација влегува во завршницата од претквалификациите за Европското првенство 2029 година со јасна цел – две победи и потврда на првото место во групата.

Пред важните дуели со Ирска и Луксембург, кои се на програмата на 2. и 5. јули, репрезентативниот бек Виктор Ташовски истакнува дека пристапот мора да биде максимално сериозен и фокусиран.

По одличните настапи во дресот на ТФТ во МТЕЛ Супер лигата и АБА 2 конкуренцијата, Ташовски ова лето добива важна улога и во националниот тим, особено по повредата на Марин Петков на контролниот натпревар против Бугарија.

Првиот предизвик за Македонија е дуелот со Ирска во Скопје, на 2. јули во салата „Лазар Лечиќ“, а потоа следува гостувањето кај Луксембург.

„Целта на двата натпревари ни е само победа. И со една победа ќе бидеме 100% сигурни на првото место, но ние ќе одиме да победиме на двата меча, со максимална фокусираност и по договор со тренерот“, вели Ташовски.

Репрезентативецот очекува голема поддршка од публиката и верува дека Македонија има квалитет да го оправда статусот фаворит.

„Се надевам дека ќе добиеме помош и од публиката. Имаме повеќе квалитет и од Ирска и од Луксембург и мислам дека нема да имаме проблеми“, додава бекот.

Ирска во Скопје ќе пристигне со изменет состав во однос на првиот меѓусебен дуел во Даблин, но Ташовски посочува дека фокусот мора да остане на играта на Македонија.

„Ирска доаѓа со нов состав, само тројца играчи ако не се лажам се истите. Ние ќе се фокусираме на нашата игра и со помалку грешки од наша страна ќе одиме на успех“, истакнува Ташовски.

Македонија ја продолжува подготовката за завршните два натпревари, кои треба да го дадат конечниот одговор за пласманот во следната фаза од квалификациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот