Фото: Министерство за здравство

Секој граѓанин преку „Мој Термин“ ќе може да се изјасни дали сака да е органодарител, најави Алиу

Секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството. Ова е предвидено со новите законски измени кои ги најави министерот за здравство Азир Алиу на панел дискусија за органодарителство што се одржа во Гостивар, пренесува агенцијата Мета.

Измените предвидуваат и проширување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.

„Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во ‘Мој термин’, безбедно и со двојна верификација. Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Постојат теми кои не бараат само политика, туку и човечност, доверба и морална зрелост на општеството. Органодарителството е токму таква тема, која го отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави: дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг? Нашата задача е да градиме доверба и да создадеме систем во кој семејството однапред ќе ја знае волјата на својот близок. Органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болнички ходник, во мигови исполнети со трагедија. Треба да зборуваме дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите“, истакна Алиу.

Тој информира дека е во тек постапката за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кој веќе е доставен во Собранието по скратена постапка.

„Собранието испрати силна порака на единство и консензус за зајакнување на органодарителството со тоа што од страна на пратениците од власта и опозицијата беше изгласана потребата од носење на законот по скратена постапка. Кога станува збор за животот, нема власт и опозиција, нема политичка разлика што може да биде поважна од должноста да покажеме дека државата знае да биде на страната на човечноста, достоинството и надежта. Предложените измени претставуваат важен чекор кон систем во кој личната волја на граѓаните ќе биде појасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана“, кажа Алиу.

Лекарите со години пријавуваат во полиција ако им дојде пациент што претрпел насилство, Алиу вели сега ќе може да го евидентираат и во „Мој термин“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот