Фото: МИА

Жештините ги загрозуваат нивите — УХМР со препораки до земјоделците за спас на родот

Земјоделците да ги наводнуваат површините, особено пролетните окопни и индустриските култури, но да вршат и плитка обработка (окупување) на почвата за да се зачува влагата и да се спречи формирањето кора, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР.

Како што велат, во актуелните, летни временски услови со високи температури, треба да се преземат мерки и за уништување на плевелите, како и за заштита на растенијата од појава и развој на болести и штетници.

„Ова е период кога потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Затоа, се препорачува наводнување на културите, особено на пролетните окопни и индустриски култури. Земјоделските производители може да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви и изведување работи во поле. Поради високите температури наводнувањето да биде задолжително. Треба да се обрне внимание и на подготовката на механизацијата за претстојната жетва на житните култури. Посевите редовно да се следат“, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Минатата недела, потсетуваат, времето беше претежно сончево и топло со мала локална облачност и повремени поројни врнежи од дожд.

„Овие временски услови беа поволни за зреење на некои видови овошје како црешата, вишната и некои типови зеленчук, како и за интензивниот раст и развој на пченката, сончогледот, и другите пролетни култури.  Виновата лоза е во фаза на затворање на гроздови. За време на оваа фенофаза во лозовите насади треба да се врши редовна обработка на почвата за уништување на плевелите и зачувување на влагата. Се врши и редовна заштита против болести и штетници“, информираат  агрометеоролозите.

Подгответе се за Ел Нињо, следат пеколни горештини, врнежи и суши, предупредуваат ОН

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот