Полагање државна матура, фото: Мета.мк

Резултатите од матурата ќе бидат објавени до 11 јули, фатени се околу 60 препишувачи

Оценувањето на тестовите од државната матура и обработката на податоците се во тек, а резултатите ќе бидат објавени до 11 јули. Испитот на зрелоста втора година по ред матурантите го полагаа во големи простории односно амфитеатри, холови и сали, за да биде процесот пообјективен. Сепак, како што информира директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска, биле откриени 60 ученици кои користеле мобилни телефони, пренесува агенцијата Мета.

„Резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 11 јули, односно, еден месец по полагањето на последниот екстерен испит. Следното полагање е во августовскиот испитен рок. Во текот на јунското тестирање, околу 60 ученици беа откриени со мобилни телефони и беа отстранети од испитот. Нивните тестови се поништени, што значи, имаат единица. Истите, ако не се однесувале недолично кон тестаторот или набљудувачот ќе може да полагаат во август, во спротивно ќе добијат мерка забрана за полагање во август и ќе може да полагаат дури следната година”, вели директорката Михајловска.

На 6 јуни учениците полагаа англиски, германски, француски, италијански или руски јазик, како и математика (во зависност на тоа кој што одбрал), а вториот екстерен испит по мајчин јазик беше реализиран на 11 и на 12 јуни.

Оваа година полагањето на државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура, се реализира според новата концепција со изменети испитни програми за учениците од стручно и уметничко образование, а за гимназиското остануваат истите испитни програми.

Матурантите пак ќе полагаат матура во амфитеатри, така помалку препишуваат и користат телефони, вели ДИЦ

Тестовите по предметите не беа исти за сите ученици како досега, туку оваа година за прв пат учениците полага согласно наставните програми за гимназиско, стручно и уметничко образование.

Државната матура останува услов за упис на факултет. Со положена државна стручна матура, учениците ќе може да се запишат на сродни стручни факултети, а со државна уметничка матура учениците ќе можат да продолжат исто така во сродни стручни студии.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска оцени дека организацијата на полагањето годинава била на високо ниво, при што повеќето од учениците испитите ги полагале совесно и без злоупотреби.

Јаневска: Државната матура годинава помина во најдобар ред, шеесетина ученици отстранети поради препишување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот