Риба Lagokefalos - зајачка усна/Фото: Wikipedia

Грција ќе ги награди рибарите што ќе ја уловат опасната „зајачка усна“

Грчката влада ќе им исплаќа награда на рибарите од 5,33 евра по килограм за улов на инванзивната риба лагоцефалос (зајачка усна), која е позната по силниот загриз што може да предизвика сериозни повреди, објави „Вориа“.

Министерот за рурален развој и храна, Маргаритис Схинас, најави мерки насочени кон „итен одговор на сериозните предизвици со кои се соочува секторот“, по двочасовен состанок со претставници на рибарските организации.

Според министерот, грчкото рибарство во последните години се соочува со повеќе проблеми, вклучувајќи го и ширењето на инвазивни видови како лагоцефалос, позната и како зајачка усна поради специфичниот изглед на вилицата што потсетува на клун, како и со нелегален риболов и со нелојална конкуренција.

По серија консултации со претставниците на секторот, министерството соопшти дека ќе продолжи со имплементација на неколку мерки за реструктурирање на грчкото рибарство.

ВИДЕО | Илјадници медузи го преплавија морето на популарна плажа во Грција

Според соопштението на министерството, итните мерки вклучуваат субвенции за рибарско гориво, по моделот на поддршка што веќе им е дадена на земјоделците, како и започнување пилот-програма за справување со ширењето на инвазивниот лагоцефалос во грчките води.

Во рамки на програмата, која првично ќе се спроведува во Јужниот Егеј, уловот на лагоцефалос ќе биде субвенциониран со 5,33 евра по килограм, што обезбедува и нов инструмент за заштита на морскиот екосистем и дополнителна финансиска поддршка за рибарите.

Рибата сè почесто се појавува во плитките морски води, вклучително и во области каде што се капат туристи, што предизвикува загриженост за безбедноста.

Станува збор за инвазивен вид со многу силен загриз кој може да предизвика сериозни повреди, а е отровен поради присуство на невротоксинот тетродотоксин, кој се наоѓа во неколку делови од нејзиното тело и може да биде опасен по живот доколку се внесе во организмот.

Иако ретко напаѓа луѓе, експертите предупредуваат дека може да биде ризик при директен контакт и дека претставува поголем проблем за рибарите, бидејќи им ги оштетува мрежите.

Во завршницата на своето обраќање, Схинас додаде дека владата ќе продолжи со тесна соработка со рибарите, со научниците и со Министерството за животна средина со цел брзо унапредување на националната стратегија за рибарство.

Колку е опасна рибата што се појави во Грција и во Јадранот?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот