ВИДЕО | Tурција ја победи Америка и се прости од Мундијалот
Турција се прости од Светското првенство со победа, откако во спектакуларен натпревар од последното коло во Групата Д го совлада домаќинот САД со 3-2, благодарение на голот на Кан Ајхан во деветтата минута од судиското продолжение.
Препорачано
Сепак, триумфот не го промени конечниот расплет во групата. Американците и покрај поразот, го освоија првото место со шест бода, додека Австралија со ремито без голови против Парагвај обезбеди пласман во осминафиналето од втората позиција.
Иако САД поведоа уште во третата минута преку Остин Трасти, Турција конечно го прикажа изданието што се очекуваше од неа пред почетокот на Мундијалот. Арда Ѓулер брзо израмни во 10. минута, а Оркун Кокчу во 31. минута донесе целосен пресврт и водство од 2:1 за Турците на полувремето.
Во вториот дел домаќините возвратија преку Берхалтер, кој во 49. минута погоди за 2:2, по што САД создадоа неколку одлични можности за победа. Најблиску до гол беше Кристијан Пулишиќ, но еднаш беше запрен од одличната интервенција на Чакир, а вториот обид заврши покрај голот.
Казната стигна длабоко во судиското продолжение. Во 99. минута Кан Ајхан најдобро се снајде и ја затресе мрежата за конечни 3:2, носејќи ѝ на Турција утешна победа за крај на настапот на шампионатот.
На вториот натпревар од Групата Д речиси и да немаше возбудувања. Парагвај и Австралија одиграа претпазлив натпревар без голови (0:0), со многу малку вистински шанси и јасна намера да не ризикуваат.


