Денеска се празнува Светата маченичка Аквилина

Светата маченичка Аквилина
Светата маченичка Аквилина

Родена е во палестинскиот град Вивлос, од благочестиви родители. Уште во седмата година беше наполно упатена во вистинскиот христијански живот, а во десеттата толку преисполнета со разум Божествен и со благодатта на Светиот Дух, што им Го проповедаше Христа со голема ревност и голема сила на своите пријателки. Кога настана гонењето на Диоклецијан, некој ја поткажа Аквилина кај царскиот намесник Волусијан, кој беше еден ѕвероподобен човек. Волусијан најнапред нареди да ја камшикуваат, а потоа со усвитена шипка да ѝ ги прободат ушите и мозокот. До последниот здив девицата Аквилина Го исповедаше слободно и јавно Господ Христос, а кога од главата почнаа да ѝ течат мозокот и крвта, таа падна како мртва. Мислејќи дека е навистина мртва, намесникот заповеда да ја изнесат надвор од градот и да ја фрлат на ѓубриште, за телото да ѝ го изедат кучиња. Но, ноќта ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Стани, биди здрава!“ Девицата стана и беше здрава и долго со благодарност Му вознесуваше слава на Бога, молејќи Го да ѝ допушти да го доврши маченичкиот подвиг. „Оди, ќе ти биде како што молиш!“, се слушна глас од небесата. И Аквилина отиде во градот. Градската порта сама се отвори пред неа и таа дојде и влезе, слично на дух, во дворецот на намесникот пред неговата постела. Намесникот го обзеде неискажлив ужас, бидејќи ја виде жива девицата за којашто мислеше дека умрела. Утредента му нареди на џелатот да ја убие со меч. Пред ова девицата Аквилина Му се помоли на колена на Бога и го предаде својот дух. А кога беше мртва џелатот сепак и ја отсече и главата. Нејзините мошти беа извор за исцелување на мнозина болни. Имаше дванаесет години кога пострада за Христа. Пострада и се украси со маченички венец во 293 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот