Безбеден град - камери / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Камерите кај Охрид се вклучуваат, ама казни засега нема да има

Современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ почнува постепено да се применува и на подрачјето што го покрива СВР Охрид, информираат од охридската полиција, со посебен апел до возачите на моторни возила.

Системот, кој официјално стартуваше на 1 февруари 2026 година, од денеска се воведува и во овој регион. По завршеното финално тестирање, стручни екипи ги пуштија во функција безбедносните камери поставени на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца.

Во следниот период се очекува „Безбеден град“ да профункционира и на патниот правец меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето на СВР Охрид.

Од СВР Охрид појаснуваат дека уредите се поставени, но засега сè уште не се користат за санкционирање, бидејќи се во фаза на завршна техничка проверка и тестирање.

Според полицијата, системот „Безбеден град“ треба да овозможи засилена и постојана контрола во сообраќајот, детектирање на прекршоци, поголема сообраќајна дисциплина и повисоко ниво на безбедност. Очекувањата се дека со неговата примена ќе се влијае и врз намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

„Апелираме возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а особено да внимаваат на дозволената брзина на движење, која на оваа автопатска делница изнесува 100 километри на час“, велат од СВР Охрид.

МВР пак предупредува на лажни пораки од „Безбеден град“: Граѓаните да внимаваат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот