Музика што им помага на бебињата полесно да заспијат — нов изум на јапонски институт
Институтот за аудио-комуникациски лаборатории „Чиба“ од Јапонија, познат по анализата на звучни записи за потребите на судските постапки, разви специјална музика наменета за полесно успивање на бебињата. Проектот е осмислен како поддршка за родителите кои се соочуваат со замор и стрес во секојдневната грижа за децата, пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
Идејата произлегла од искуствата на институтот во работата со судски случаи поврзани со злоупотреба на деца. Според истражувачите, во дел од тие случаи биле забележани состојби на силен стрес, депресија и психичка исцрпеност кај родителите, што ги поттикнало да побараат начин за практична помош на семејствата.
Музичкото дело трае околу 14 минути и претставува комбинација од нежни мелодии налик на музичка кутија и смирувачки природни звуци, меѓу кои и шум на морски бранови. По неговото објавување на платформата „Икс“, снимката била прегледана повеќе од 3,8 милиони пати, додека интернет-страницата на лабораторијата привлекла околу 350.000 посетители во првите две недели.
Раководителот на институтот, Муцутоши Мураока, објасни дека при создавањето на музиката биле анализирани претходни истражувања за сонот и влијанието на различни звуци врз човекот. Тој експериментирал со тонови од повеќе музички инструменти, а ги снимал и сопствените звуци на дишење за време на спиењето за да ги испита нивните ефекти. На крајот дошол до комбинација од високофреквентни звуци на музичка кутија, кои можат лесно да се репродуцираат преку паметни телефони, и таканаречен „розов шум“, за кој се смета дека наликува на звукот на морските бранови и на дишењето на мајката додека спие.
Откако биле утврдени параметрите како темпото и висината на тоновите, вработениот во лабораторијата Шинсуке Шибутани ја компонирал музиката за само три дена.
„Сакам да им помогнам на родителите и на вработените во градинките, на кои им се потребни барем 30 минути одмор“, изјави Мураока. Сепак, тој нагласи дека музиката нема нужно да предизвика заспивање кај секое бебе.
Музиката ќе може да се презема од интернет-страницата на лабораторијата до крајот на јуни.
Раѓањето на бебе драстично и брзо го реструктуира мозокот на таткото, според ново истражување


