Навидум здодевно хоби сега е „зелено знаме“ за модерните самци
Некогаш профилите на апликациите за запознавање најчесто се разгледуваат поради нечии истакнати бицепси, преслатките кучиња или огромната риба што некој можеби ја уловил, а можеби и не.
Препорачано
Но културата на онлајн запознавањето постојано се менува, па така се појавуваат нови трендови и изрази. Се чини дека една од најновите предности за привлечен профил на ваквите апликации стана нешто изненадувачки приземно – љубовта кон читањето, пишува „Хафпост“.
Неодамнешната венчавка на поп-ѕвездата Дуа Липа и актерот Калум Тарнер во Италија привлече големо внимание, но она што навистина ја разбуди љубопитноста на јавноста беше нивната шармантна приказна за првата средба. Тарнер раскажал дека се запознале на роденденската прослава на заеднички пријател.
Седнале еден до друг и откриле дека и двајцата ја читаат истата книга – „Доверба“ од Ернан Дијаз, а двајцата штотуку го завршиле првото поглавје. Тогаш Тарнер, како што вели, ѝ рекол на својата веќе сопруга: „Значи, на иста страница сме.“ Иако сценарист на романтична комедија можеби би ја оценил оваа приказна како нереална, интернетот беше воодушевен. Во современата култура на брзите состаноци, се чини дека книгите ја зголемуваат привлечноста.
Што кажува љубовта кон книгите за вас?
Без разлика дали станува збор за романтични фантастични романи, трилери за читање на плажа или најновиот хит од „Букток“, читањето и разговорите за книги го доживуваат својот момент на слава, а апликациите за запознавање не се исклучок. Истакнувањето омилен роман или литературен жанр во профилот брзо станува посакувана особина кај потенцијалниот партнер, а за многумина и нешто околу кое нема компромис.
– Денес партнерите најчесто ги бараме преку интернет-платформи, каде што првото нешто што го гледаме е фотографијата. Но, за да одлучиме да повлечеме надесно, веќе не се пресудни само изгледот или убавата позадина. Луѓето бараат знаци што укажуваат на можност за поврзување, интелигенција и емпатија – изјавила д-р Сузан Дегес-Вајт, лиценцирана советничка и експерт за партнерски односи.
Книгите како знак на емоционална зрелост
Повикувајќи се на истражување за современите трендови поврзани со читањето, Дегес-Вајт посочила дека тоа покажало оти „75 проценти од луѓето, без оглед на физичката привлечност, ги сметаат за попривлечни партнерите кои читаат или оставаат впечаток дека се начитани“.
– Тоа укажува на одредено ниво на емоционална зрелост што луѓето ја бараат кај партнерот. Книгите се доживуваат како знак на подготвеност подобро да се разберат себеси и другите, да се развие емпатија и полесно да се решаваат конфликтите – продолжила таа.
Читањето сѐ почесто се појавува на профилите на „Тиндер“
– Читањето очигледно го доживува својот момент – изјавила Девин Симон, советничка за врски и соработничка на апликацијата.
Споменувањето книги во биографиите на „Тиндер“ е зголемено за 29 проценти, а кај жените дури за 41 процент. Кога некој ќе сподели што чита, тоа нуди увид во неговиот внатрешен свет. Таквиот избор открива што ги возбудува, што ценат во една врска и како би можеле да се однесуваат во љубовта.
– Со оглед на тоа што 37 проценти од самците велат дека им се важни заедничките вредности, покажувањето интерес за книги не е само претстава, туку има вистинска смисла. Денешните самци копнеат по партнери кои се промислени, одлучни и малку наликуваат на главните јунаци од романите – додала Симон.
Кога читањето стана привлечно?
Многумина сфаќаат дека сакаат да бидат во врска со личност која чита дури откако ќе го искусат тоа. Врската со некој што ги сака книгите исто колку и вие може да создаде едни од најубавите заеднички спомени, дури и ако тие се сведуваат на разговори за прочитаното и меѓусебно препорачување книги.
– Има нешто неспорно привлечно во личност која чита. Тоа укажува на љубопитност, емоционална интелигенција и емпатија – квалитети што одлично се пренесуваат и во врската и во интимниот живот – изјавила Анабел Најт, советничка за секс и партнерски односи.
Како книгите ги продлабочуваат разговорот и привлечноста?
Покрај тоа, начитаниот ум носи и други предности.
– Партнерот кој чита често е повешт во комуникацијата, има поотворен ум и е поподготвен да ги разгледува различните перспективи, што може да создаде подлабока емоционална и сексуална поврзаност – објаснила Најт.
Читањето, исто така, ги поттикнува разговорите и го олеснува надминувањето на непријатните тишини.
– За самците, поврзувањето преку книги може да создаде привлечност што постепено се развива. Споделувањето омилени извадоци, разговорите за ликовите или дури и истовременото читање на ист популарен роман може да изгради исчекување и да поттикне разговори за желбите на безбеден и разигран начин. Тоа е суптилна форма на предигра што започнува многу пред физичката интимност – продолжила Најт.
Во светот на бескрајното скролање, вниманието станува предност
Советниците за партнерски односи велат дека истакнувањето на љубовта кон читањето како посакувана особина кај идниот партнер покажува дека барате нешто повеќе од површна врска.
Девин Симон додава дека не се работи само за книгите, туку и за самата навика на читање. Во време кога и милениумците и генерацијата Зет се познати по пократкиот распон на внимание, читањето книга од 300 страници е сосема поинакво искуство од прелистување објава од дваесетина зборови на Инстаграм.
– Личноста која умее да се исклучи од сѐ и да се сосредоточи на една работа зрачи со тивка самодоверба. Во култура заснована на постојано скролање и краток распон на внимание, читањето укажува на трпеливост, љубопитност и емоционална ширина – квалитети што придонесуваат за вистинска хемија и длабока поврзаност. Затоа, секако, читањето е привлечно – рекла таа.


