Д-р Сара Аврамовска / Милениче - Фото: Приватна архива/Pexels

Гори под шепите? Д-р Сара Аврамовска советува како да го заштитите вашиот миленик од жешкиот асфалт

Во летниот период температурите во нашата држава можат да достигнат екстремно високи вредности Покрај топлиот воздух и високиот УВ-индекс кои се директна закана за здравјето на луѓето, жештините се подеднакво опасни и за нашите миленици. Еден од најголемите превидени ризици во овој дел од годината е токму вжештениот асфалт, поради што сопствениците мора целосно да ги избегнуваат прошетките во најтоплите периоди од денот. За оваа важна тема,  за „Слободен печат“ разговаравме со д-р Сара Аврамовска, доктор по ветеринарна медицина.

Опасни изгореници, отворени рани и инфекции

Жешкиот асфалт може да направи полесни, но и многу сериозни оштетувања на нежните делови од телото на кучињата, кои бараат долготрајно лекување, затоа потребно е да го заштитиме.

„Вжештениот асфалт може да предизвика појава на плускавци и одвојување на горниот слој на кожата на шепите. Ова резултира со болни, отворени рани кои многу често знаат дополнително да се инфицираат, што го прави процесот на лекување многу покомплициран. Сè ова доведува до куцање, силна болка, одбивање на животното да се движи и константно лижење на шепите“, предупредува д-р Аврамовска.

Милениче – Фото: Pexel

Направете го едноставниот „тест со дланка“

За сопствениците кои често се во недоумица кога е вистинското време за излегување надвор, ветеринарката нуди едноставен трик што секој може да го примени пред да го напушти домот.

„Доколку не сте сигурни дали асфалтот ќе направи штета врз шепите на миленикот, има еден едноставен тест кој може да го направите. Ставете ја дланката или евентуално босо стопало на асфалтот и држете ја така неколку секунди. Доколку подлогата стане непријатно жешка и не можете да ја задржите раката подолго време, тогаш бидете сигурни дека не е безбедно ниту за животните“, советува таа.

Pretty woman with her dog out in the park

Никако не им облекувајте кондури и чорапи на милениците

Она што посебно се истакнува како тренд во последните години, а всушност е огромна грешка, е купувањето на специјални обувки за кучиња со цел да се заштитат во лето. Докторката апелира веднаш да се прекине со оваа практика.

„Сакам посебно да потенцирам дека треба да се избегнува користење кондури, чорапи или било какви обувки за миленици. Причината за тоа е што кучињата својата телесна температура ја регулираат и преку самите шепи. Доколку им ги затворите, во спротивно може да дојде до прегревање и многу посериозни последици по нивното здравје“, заклучува д-р Аврамовска за „Слободен печат“.

На крајот, д-р Аврамовска порачува дека превенцијата е најдобриот лек во летните денови. Наместо да ризикувате повреди и сериозни здравствени компликации, најбезбедно е прошетките со кучињата да ги планирате исклучиво во раните утрински или доцните вечерни часови, кога воздухот и асфалтот се веќе доволно разладени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот