Активисти протрестираат за спас на реката Дошница/Фото: Фејсбук

Еко-активисти бараат итна заштита на Кожуф, Дошница и на биодиверзитетот

Во следниот период неопходно е да се започне со работа на терен и анализа на биолошката разновидност, пределските карактеристики вклучително и социо-економските аспекти на подрачјето со цел утврдување на природните вредности и потенцијалниот степен на заштита на Кожуф планина, било заклучено на форумот насловен како „Дијалог за иднината на Кожуф“, кој се одржал неодамна во Народниот театар во Гевгелија, во организација на Центарот за климатски промени (ЦКП), пренесува агенцијата Мета.

Во рамки на форумот биле презентирани научни и стручни сознанија за природните карактеристики на Кожуф, кој претставува едно од највредните природни подрачја во државата.

„Планината се одликува со разновиден релјеф, значајни геолошки и геоморфолошки појави, развиена хидрографска мрежа и исклучително богата биолошка разновидност. На нејзината територија се среќаваат карстни и глацијални форми, палеовулкански појави, бројни извори и водотеци, како и вредни шумски и планински екосистеми. Посебно значење има богатството на растителниот и животинскиот свет. Кожуф претставува живеалиште на повеќе ендемични и ретки видови, меѓу кои Алшарската темјанушка (Viola allchariensis), Арсеновата темјанушка (Viola arsenica), Алшарската матерка (Thymus alsarensis), Кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis) и други видови со ограничето распространување и висока научна вредност“, стои во соопштението на ЦКП.

Оттаму потсетуваат дека природните вредности на Кожуф се препознаени и на меѓународно ниво.

„Подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно Бернската конвенција, а воедно е идентификувано како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки. Овие меѓународни признанија ја потврдуваат неговата исклучителна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и природното наследство. На форумот беше истакнато дека заштитата на Кожуф не претставува само прашање на зачувување на природата, туку и предуслов за долгорочно одржливо управување со природните ресурси, зголемување на отпорноста кон климатските промени и создавање нови можности за локален развој. Притоа беше нагласена и важноста на активното учество на локалната заедница во сите фази од процесот на заштита и идно управување со подрачјето. Кожуф е природно богатство од исклучително национално и меѓународно значење кое бара навремена, системска и долгорочна заштита“, наведено е во соопштението.

Еко активисти и граѓани од целата држава, во организација на „Чејнџмејкерс фор ол“, минатата година го блокираа патот недозволувајќи изградба на мали хидроелектрани на реката Дошница.

ВИДЕО | Протест за спас на реката Дошница: Нема да дозволиме најчистата река во Македонија да стане пустина!

„Баров Дол“ и „Папрад“ се локациите на реката Дошница на кои Владата одобрила да се градат две мали хидроцентрали на Кожуф планина. За овој регион, богат со ендемски видови и биолошка разновидност, стануваат во заштита еко-активисти од целата земја, посочувајќи дека изградбата ќе значи уништување на биодиверзитетот и исчезнување на уникатни животински и растителни видови.

Двете локации се наоѓаат недалеку од изворите на Дошница, во недопрена природа, односно во голем дел подрачје на кое човечка нога не стапнала.

ФОТО | Истиот инвеститор кој сака Дошница да ја стави во цевка, веќе уништи река со хидроелектрана, реагираат активисти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот