Фото: „Changemakers4all“

ФОТО | Истиот инвеститор кој сака Дошница да ја стави во цевка, веќе уништи река со хидроелектрана, реагираат активисти

Погледнете што значи оваа мини хидроелектрана на Кожуф. Ова е вистинското лице на таканаречената „зелена енергија“. Уништена природа. Рана врз планината. Уништена река. Ова е мини хидроелектрана на Кожуф планина – на истиот сопственик кој сака и Дошница да ја стави во цевка. И нека никој не нè убедува дека ова е „развој“, реагираа активисти од иницијативата „Changemakers4all“, објавувајќи и фотографии.

Активистите посочуваат дека „развој не значи уништување на најчистите реки“.

„Развој не значи одземање на животот на природата за нечиј профит“, нагласуваат тие.

Фото: „Changemakers4all“
Фото: „Changemakers4all“

Активисти и локалци пред една недела пак се собраа, откако добиле информации дека е продолжена дозволата за изградба на мини хидроелектраната на Дошница, па, како што велат, сега повторно излегуваат на стража.

„Минатата година блокиравме речиси 3 месеци. Повторно стоиме тука да ја браниме Дошница. Да биде јасно до сите институции, инвеститори и оние што мислат дека ќе поминат тивко: НЕМА ПОВЛЕКУВАЊЕ. НЕМА ПРЕДАВАЊЕ. ДОШНИЦА Е НА НАРОДОТ! Нема да дозволиме уште една река да стане бетон, цевка и пустош. Кога природата плаче – народот мора да стане. Дури и ова да беше добро управувано и да произведува доволно енергија, краткорочните игри не ги оправдуваат долгорочните загуби. Како треба да ја развиеме Македонија во нешто повеќе ако уништиме нешто уникатно и убаво?“, се вели во реакцијата.

Активистите што го блокираа пристапот до реката, изразија револт кога лани Владата, на барање на приватната фирма „Хидро Дошница“ ДОО Скопје, одлучи да го продолжи рокот за уште една година за изградба на две мали хидроелектрани на Дошница – МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад.

Според истражување на ИРЛ, хидроцентралите сака да ги гради сопственикот на кладилниците „Спортлајф“, Ѓоко Стерјоски, а градежните активности се планирани во горниот тек на реката, на територијата на Општина Кавадарци. Истите сопственици, само со друга фирма, веќе имаат изградено мала хидроелектрана на Коњска Река на Кожуф и тој простор е направен пустелија, алармираа веќе од „Changemakers4all“.

ФОТО: Активисти се собраа за спас на најчистата река во Македонија: Дошница не ја даваме!

Дошница лани беше една од најжешките еколошки теми во државата, а aктивистите организираа деноноќни блокади за да го спречат уништувањето на една од најчистите реки во Македонија. Минатото лето, на Кожуф дојде и шведската активистка Грета Тунберг, за да ги поддржи напорите да се зачува недопрената природа на Кожуф. Потоа, во септември лани, фирмата ја повлече целата механизација од Кожуф.

Сега, се чини дека опасноста од контроверзните концесии за хидроцентрали на македонските реки, доделени пред повеќе од десет години, е повторно актуелна и тоа повторно ги мобилизира активистите.

Багери пак ги меркаат Кожуф и реката Дошница, активистите се собраа на нова блокада

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот