Фото: Truth social / Donald Trump

Трамп го претстави новиот „патриотски пасош“ со неговиот лик

Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави новиот изглед на специјалниот комеморативен американски пасош со неговиот лик, промовирајќи ограничено издание по повод 250-годишнината од основањето на САД оваа година, пренесува Си-ен-ен.

„Новиот пасош на Соединетите Американски Држави, кој порачува ‘Добредојдовте, но однесувајте се пристојно!’, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.

На објавената фотографија претседателот е прикажан со сериозен израз, потпрен на работната маса, додека во заднина се гледа текстот на Декларацијата за независност.

На втората страница е претставена слика од потпишувањето на Декларацијата за независност во 1776 година, со натпис „САД 250“.

Белата куќа исто така ја објави фотографијата, нарекувајќи го документот „патриотски пасош“, додека Стејт департментот засега не се огласи.

Овој пасош се разликува од претходните илустрации што Стејт департментот ги објави порано оваа година, на кои беше прикажана поинаква слика на претседателот.

Фото: US State Department

Dосега ниту еден актуелен американски претседател не бил прикажан на американски пасош.

Ова е најнов во серијата потези со кои ликот на Трамп се појавува на државни симболи и институции, што неговите критичари го оценуваат како поттикнување култ на личноста.

Според најавите, потписот на Трамп ќе се најде и на идните американски банкноти, што исто така претставува преседан за актуелен претседател.

Претходно Трамп остро го критикуваше „оживувањето на комунизмот“ во САД, нарекувајќи го „рак“ и „најголема закана“ за земјата од нејзиното основање.

Изјавата следува по победата на повеќе левичарски кандидати, поддржани од новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, на внатрепартиските избори на Демократската партија во градот.

Трамп пред членовите на евангелистичката коалиција „Слобода и вера“ во Вашингтон изјави дека тие „не се социјалдемократи, туку екстремисти и безбожни комунисти“ и предупреди дека нивната победа би ги загрозила американскиот просперитет и верските слободи.

Тој оцени дека Демократската партија направила „многу силно свртување налево“.

Во шеговит тон рече дека и самиот би можел да стане „најголемиот комунист во историјата“, доколку, на пример, ги ослободи Американците од плаќање кирија, но додаде дека таквиот пат би ја одвел земјата во „беда“.

Трамп повторно ја истакна поддршката што ја добива од христијанската десница и потсети дека во Белата куќа формира Канцеларија за прашања на верата и организира молитвени собири.

Тој, исто така, изјави дека комунистите се „животни“ подготвени да ги убиваат своите противници.

Трамп е опседнат со мене, вели Обама

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот