Дали дебелее пастата? Имаме добри вести и уште подобри рецепти
Пастата е меѓу најпопуларните јадења во светот, но истовремено и една од оние околу кои постојат најмногу заблуди. Многу луѓе ја исфрлаат од исхраната веднаш штом решат да ослабат, убедени дека дебелеат, го забавуваат слабеењето или дека никако не треба да се јадат навечер.
Препорачано
Сепак, нутриционистите предупредуваат дека проблемот најчесто не е во самите тестенини, туку во количината што се консумира, начинот на подготовка и додатоците со кои се комбинираат. Доколку се јадат умерено и како дел од балансиран оброк, тие можат да бидат дел од здравата исхрана, пишува „Грација“.
Мит 1: Пастата дебелее
Една од најчестите заблуди е дека пастата директно предизвикува зголемување на телесната тежина. Во реалноста, јаглехидратите што ги содржи претставуваат важен извор на енергија за организмот. Телото ги користи за бројни функции, вклучувајќи ја работата на срцето, циркулацијата на крвта, дишењето, концентрацијата и физичката активност.
Кога се консумира во соодветни количини, пастата му обезбедува на организмот гориво кое е неопходно за нормално функционирање, наместо да биде само причина за дебелеење.
Мит 2: По 18 часот не треба да се јаде паста
Често може да се слушне совет дека пастата не треба да се консумира навечер. Но човечкиот организам не престанува да работи по зајдисонце. И во текот на ноќта телото троши енергија за обновување и регенерација на клетките.
Умерена порција паста за вечера може да биде сосема прифатлив избор, особено ако е комбинирана со зеленчук, лесен сос и извор на протеини. Освен тоа, јаглехидратите можат да го поттикнат создавањето серотонин – супстанција која има важна улога во регулирањето на расположението и квалитетот на сонот.
Мит 3: Пастата е премногу тешка за варење
Самата паста не е тешка за дигестивниот систем. Најчесто проблемот лежи во богатите и калорични сосови кои содржат многу павлака, сирење, преработено месо или пржени додатоци.
Важен е и начинот на подготовка. Пастета подгтотвена „ал денте“, односно со благо цврста структура, полесно се вари во споредба со преварената паста која станува лепливи и ја губи својата пријатна текстура.
Мит 4: Ако ги исфрлите јаглехидратите, побрзо ќе ослабете
Рестриктивните диети кои целосно ги исклучуваат јаглехидратите често даваат брзи почетни резултати, но тие најчесто се должат на губење вода и мускулна маса, а не на намалување на масните наслаги.
Истражувањата покажуваат дека ваквите режими на исхрана тешко се одржуваат на долг рок. Организмот постепено се приспособува на намалениот внес на енергија, при што се забавуваат и метаболичките процеси. Поради тоа, изгубените килограми често повторно се враќаат по завршувањето на диетата.
Мит 5: Безглутенската паста е подобра за слабеење
Уште една широко распространета заблуда е дека безглутенската паста автоматски е поздрав избор за луѓето кои сакаат да ослабат.
Всушност, ваквите производи се наменети првенствено за лица со целијачна болест или други здравствени состојби поврзани со нетолеранција на глутен. Во многу случаи тие содржат дополнителни состојки, скроб или масти кои се додаваат за да се подобри структурата и текстурата на производот.
Поради тоа, безглутенската паста не треба автоматски да се смета за полесна или поквалитетна опција за секој човек.
Клучот е во умереноста
Како и кај повеќето намирници, најважно не е само што јадеме, туку и колку, колку често и со што го комбинираме оброкот.
Порција тестенини со зеленчук, маслиново масло, домати, риба, пилешко месо или мешунки може да претставува хранлив и добро избалансиран оброк. Наместо целосно да ги избегнуваме, подобро е да научиме како правилно да ги вклучиме во секојдневната исхрана.
Пастата не е непријател на здравиот начин на живот – вистинскиот предизвик најчесто се крие во преголемите порции и тешките, калорични додатоци.
Три лесни, здрави и нискокалорични рецепти за паста
1. Тестенини со печено фета-сирење: Подгответе го рецептот што го освои интернетот
2. Рецепт за вкусни тестенини со тиквички и лимон
3. Рецепт на Џејми Оливер за тестенини со печурки: Италијански специјалитет за 10-ка!
Треба ли да ги плакнете тестенините по варење? Постои само еден исклучок


