Николина Андова Шопова / Фотографија: СВП

Престижната поетска награда „Браќа Миладиновци“ на СВП ја доби поетесата Николина Андова Шопова

Збирката „Во куќата“ на Николина Андова Шопова во издание на „Бегемот“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија.

Одлуката ја донесе комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ 2026 во состав: Наташа Аврамовска, претседател, и членовите Весна Ацевска, Весна Мојсова-Чепишевска, Владимир Илиевски и Виолета Танчева-Златева.

„Станува збор за мала поетска книшка компонирана во два поетски циклуса и своевидна епилошка песна. Компонирана е едноставно, но влезот во неа е небаре загатка којашто мигновено залисува со магијата на сублимниот поетски израз, кој открива ни помалку ни повеќе одошто е потребно со инстант-ефект да го поведе читателот/читателката на крилјата на вообразбата кон само насетени простори (во сеќавањето ли, во длабините ли на внатрешното битие, или можеби во сонот што му се откинал на детското раче во потезите врз лист хартија?).

Првиот циклус во колибата ја испишува потрагата по него (цврстото засолниште), тоа само се наѕира и насетува, истовремено испишувајќи ја фрагментираностa на поетскиот субјект во реалноста на секојдневието, при што немирот, нецеловитоста, разнебитеноста и невсредиштеноста без вистинско втемелување и тежиште наоѓа вонредно суптилни изрази во многу од песните на првиот циклус, во кои провева, наместа, и грдото лице на актуелните состојби во светот.

Вториот циклус „Во куќата“ го испишува откривањето на сопственото средиште во поврзувањето со линијата на претците. Кон него, притоа, кон сеќавањето, приспомнувањето, води и последната песна од првиот циклус. Секоја од песните на вториот циклус, во ликовите на бабата и дедото, опејани како ликови од некои други спокојни, митски времиња, особен впечаток остава поетскиот лик на бабата, онаа која комуницира со ветровите, еднакво како и со сопствениот предок во куќата на сопственото тело. Небаре нејзиното тело, та дури и во болеста и умирачката да е стожерот на сета градба на куќата.

Нема ниту трошка патетика во поетското опејување на цврстата градба на куќата на сеќавањето и паметењето, ниту има случајни и брзопотезни исписи на песните. Секоја од нив, како впрочем и целата градба на книгата е проѕирна, но истовремено во неа се прекршува заемната огледалност на значењата налик на прекршувањето на светлината кај совршено избрусениот кристал. Вонредно талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор. Станува збор за поезија која остава траен впечаток со залисната особеност на авторското поетско писмо“, стои во образложението на жири-комисијата.

Добитничката Николина Андова Шопова пред присутните на СВП се заблагодари за укажаната чест и доверба.

„Сакам да се заблагодарам на сите оние поети пред мене, оние кои ја носеле поезијата како тивок товар и како радост. Некои од нив се добитници на оваа награда и беа и останаа мои први и трајни поетски училишта. Но, тука сакам да ги спомнам и оние поети кои, ете, во текот на животот не добиле место во големите литературни признанија, но добиле место во нашите внатрешни простори, со по еден стих барем, кој променил нешто во нас, во нашата насока на мисла и на дејствување. Дел од овие песни настанаа во периоди на осаменост и на тишина. И сакам да верувам дека преку овие стихови заеднички ќе ја споделиме таа тишина“, рече Андова Шопова.

Поет и поетеси што влегоа во најтесниот круг за наградата / Фотографија: СВП

На распишаниот конкурс на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, пристигнаа вкупно 37 ракописи од 35 современи македонски автори. Во потесен круг за наградата беа книгите „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: „ПНВ публикации“, 2026), „Во куќата“ од Николина Андова Шопова (Скопје: „Бегемот“, 2026), „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: „Арс ламина“, 2026), „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: „Слово“, 2026), „Болна земја“ од Братислав Ташковски: (Скопје: „Матица македонска“, 2026), известија од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот