„Човекот зад името“ – Добрила Грашеска: Јас сум само човек, ништо повеќе
Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името ја откриваме Добрила Грашеска, но не како вокалистка, туку како човек.
Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името ја откриваме Добрила Грашеска, но не како вокалистка, туку како човек.
Препорачано

Еден обичен ден од детството – кој ден веднаш Ви се појавува пред очи и што од него сè уште носите во себе?
– Тој ден, не е само еден ден, туку низа од денови што како да го опишуваат моето најрано детство. А тоа се мирни моменти поминати со баба ми и дедо ми, со музика од едно старо радио што е пуштено цел ден „на тивко“ и едно мое копнежливо чувство дека кај и да е, ќе дојдат мајка ми и татко ми и ќе ме земат. Токму за еден таков ден имам напишано и песна.
Ако Вашиот внатрешен свет е просторија во која влегувате само Вие, кој предмет во неа најдобро Ве раскажува?
– Мислите на предмет како Аладиновата ламба? Во последно време во сеќавање повторно ми се враќаат едни тротомни детски енциклопедии што ги имавме дома отсекогаш и што секој ден си ги читав дотолку што ги знаев напамет. Доволно беше да почнам да ги разгледувам седејќи долу, на килимот, и мојата дневна соба да стане чудесниот килим на Аладин. Но тие, секако беа едни од материјалните работи што направија од мене човек на кој никогаш не му е досадно.

Што е она за кое луѓето мислат дека Ви доаѓа лесно, а всушност бара многу внатрешна работа?
– Па, тоа би било пеењето. Луѓето за талентираните луѓе мислат дека сѐ им оди како „подмачкано“. Во мојот случај, тоа значи дека е доволно само да го земам микрофонот и да почнам да пеам. Но за да се стигне до некаква „мајсторија“ во интерпретацијата, до свој звук, до специфичности кои те прават автентичен и препознатлив пејач, треба многу работа. А тоа значи денови проби, работа, но и искуство, емоции, анализи, интуиција… Ама од друга страна, велат дека среќен е оној човек што може да заработува од својот талент.
Која Ваша особина некогаш сте ја сметале за слабост, а денес ја гледате како сила?
– Лутината (како од пушка). Мислев дека таа ме ограничува во мојата комуникација со луѓето и не ми дава да „претнам“ од некаква позиција. Но по многу премрежиња, сега токму таа е мојата сила со која јас се заштитувам себеси затоа што открив дека во оној момент кога ќе ја почувствувам – тука се крие местото на кое треба да поставам граница – што себеси, што на другите. Тоа е местото од кое нема поместување и што ми ги чува одлуките и изборите, како оската околу која се врти светот, како каменот што го означува центарот на мојот Прилеп, кој се наоѓа под Саатот.
Што најтешко прифаќате кај себе во деновите кога чувствувате дека не сте на своја висина?
– Тоа што многу работи сфаќам лично, што си ги лепам на себе како со силикон, стравовите дека сум повредила некого и сега јас одеднаш треба да ги носам и своите и туѓите емоции. И одеднаш тоа ми станува тешка планина за носење која може да трае со денови… затоа што Непал не е баш блиску до Македонија.

Колку често интуицијата Ве однела таму каде што разумот никогаш не би се осмелил да тргне? Би ни откриле ли барем една ситуација?
– Интуицијата… таа ми е другачка (се смее, н.з.). Именкава „другачка“ ми е сега хит, па ја користам, а гледам и околината на неа реагира позитивно, па и тие ја присвојуваат. Но да се вратиме на интуицијата. Таа ми помага кога запознавам нови луѓе и ја откривам нивната искреност. Таа е тука кога носам одлука каков избор да направам и секогаш кога ја пуштам неа напред и одлучувам според нејзиното водство, душата ми е мирна. Тоа е знакот дека треба да ја послушам. Но истовремено, таа и ме теши во некои тешки моменти, велејќи ми дека сѐ ќе биде во ред. Како тогаш кога изгубив едно работно место, но воопшто не се вознемирив затоа што некако знаев дека универзумот има други планови за мене. А еве и убава случка: секогаш кога ќе ми понудат да настапувам со музичари со кои никогаш не сум настапувала, интуицијата ми вели: оди! И никогаш не сум згрешила.
Дали некогаш сте се откажале од нешто многу важно затоа што не сте сакале да ги предадете своите принципи?
– Многупати ми се случило тоа. И тоа поради инает кој освен што има епитет прилепски, во себе нема ништо друго шармантно. И поради тоа сум се откажала до веројатно супер поминати мигови во природа. Арно ама… Знаете, инаетот не е карактерна особина со која човек треба да се гордее, со него не се постигнува ништо, освен што се самоповредувате. Затоа треба да се разговара, да се каже тоа што се сака. А на светов се најдуваат разумни луѓе со кои човек може да се договори.
Има ли одлука што не сте ја донеле Вие, а сепак силно ве обликувала како личност?
– Па, секако дека има. Понекогаш тоа се случајни, интуитивни препознавања со некои луѓе како средбата со мојата најдобра другарка Арна која од мене направи друг човек, но и преселувањето во Скопје каде што конечно се осмелив јас да бидам јас.
Кога последен пат направивте нешто за првпат и што научивте за себе од тоа искуство?
– Секој ден се живее првпат. Што и да правам е секогаш како првпат, што би рекол Анри Бретон во една негова песна. Можеби има работи што ги повторувам, наутро одам по истите улици, попладне се враќам по некои други, но не ги среќавам истите луѓе, а небото над мене е секогаш со различни бои и облаци. Пред извесно време почнав за првпат да пеам во проектот „Џез за чудаци“ и тоа ми отвори сосема нови музички хоризонти, што пак, ми направи и глад за повторно да искусам некоја нова музичка соработка. Е, тоа многу ме менува како човек и од тоа многу учам.

Кој момент во животот најмногу Ве научил на благодарност?
– Ми се случуваат понекогаш такви моменти кога сум на некој концерт на кој јас се погледнувам себеси каде сум, што правам, колку е убава музиката што се слуша околу нас, погледнувам во рефлекторите и му се заблагодарувам на Големиот шеф, што ми го отвора патот до тоа место. Но притоа, не се заборавам ни себеси да си кажам „благодарам“ затоа што јас сум таа што мора да се вложи, да работи, да учи, да се пакува себеси во која и да е состојба. И поради тоа мислам дека секој успех е можен доколку се влезе со голема работа и верба дека тоа што го правиме е добро и убаво.
Кое Ваше животно уверување најмногу се променило со годините, и зошто)?
– Во процесот на созревање, ретко кој може да се пофали дека сѐ знае и дека е сигурен во себеси. Обично сме полни со стравови, со мислата „дека ова не е за мене“, дека „нема да успеам“, „како ќе се појавам пред толкава публика“… Истото чувство и мисли ги имав и јас. Но како што поминува времето, така уверувањето ми се променува и сфаќам дека кога ќе си ги сознаеш маните, тогаш ќе се соочиш со нив, ќе биеш битки од кои нема откажување. Ако треба на сцената ќе излезам и ранета, но ќе отпеам најдобро што можам. П.С. Порано мислев дека профилот од десно ми е подобар. Сега ама ич не ми е гајле од која страна ме сликаат затоа што знам дека во секоја фотографија има купишта емоции.
Кој е најголемиот страв што никогаш не успеавте целосно да го надминете?
– Од кучиња. И најчудно е тоа што ги сакам, но не смеам да им се приближам. За мене најбезбедната зона е тие да се на телевизија, а јас дома (се смее, н.з.). И мислам дека борбата против овој страв е залудна, затоа што треба да се соочат две исти сили – силата на стравот и таа со која треба да се соочам со стравот. И нема победник. Но живеам со тоа. И секогаш фаќам кривина или се враќам назад ако ги видам на патот по кој се движам.
Ако би можеле повторно да проживеете еден ден, не за да го промените, туку само уште еднаш да го почувствувате, кој ден би бил тоа?
– Недела, 13 часот, Прилеп. Мајка ми прави ширден и куќата „мискојна мириса“, а јас и моите браќа се собираме со семејствата околу масата на која нема место за сите, ама пак сме сите заедно зашто од толку љубов наоколу сѐ може да се зголеми. Ете тие денови. Сите.
Седумте човечки слабости или предизвици – гордоста, суетата, зависта, гневот, алчноста, неумереноста и мрзливоста – се помалку или повеќе тивки придружници во животот на секој човек. Со која од овие предизвици најтешко сте се бореле, и што Ве научила таа битка?
– Може ли да го скратиме бројот на 4? Затоа што во оваа редица има некои што одбегнувам и да ги ставам во мојот речник, така што мислам дека моето „јас“ нема предизвик за нив, но со остатокот се соочувам во секојдневна борба. Кога човек ќе ги открие и ќе ги осознае во себе овие слабости, можеби и не треба да се бори против нив, туку да го препознае и да ги пренасочи. И еве како се обидувам јас да се соочам со нив…
На пример, на гордоста ѝ велам: „ Јас сум само човек, ништо повеќе“, на суетата ѝ ја спротивставувам скромноста, на зависта – гледам и учам од некој што ја нема, а гневот доколку можам, затоа што мислам дека тој е најсилно чувство, се обидувам да го спуштам на ниво на лутина за да ми помогне да си ги направам границите со кои мене ќе ми биде подобро. Но со овие слабости, тоа не е борба, тоа повеќе е процес на набљудување, чувствување, регулирање, молчење…

Кое чувство би сакале да им го оставате на луѓето по секоја средба?
– Она кога се поздравуваме и кога ќе си кажеме: „Одвај чекам да те видам повторно“.
ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака
„Човекот зад името“ – Александар Прокопиев: Фантазијата понекогаш не може да ја победи баналноста


