Влатко Стефановски: „Преплашен сум од тоа каде оди светот“
Влатко Стефановски најави мемоари во кои ќе ги открие најинтимните работи и најтешките моменти.
Препорачано
Во гостувањето во емисијата „Да си кажеме“ на ТВ Телма, легендарниот гитарист изјави дека ја најавил книгата пред шест години.
„Тие што ќе ја читаат ќе откријат некои интимни работи кои не сум ги споделил со јавноста, ниту пак има потреба да ги споделам, ама ако веќе човек пишува книга, тогаш треба да ги чепне и тие работи. Да ги спомнам тешките моменти низ кои сум поминувал како дете, како млад човек, како возрасен човек, како домаќин“, рече Стефановски и додаде дека тие моменти тешко ги пишува.
„Тешко ги пишувам, ама ги пишувам. Што да правам“, рече музичарот.
На новинарското прашање дали пишувањето е своевидно олеснување, Стефановски одговори: „Моето олеснување е музика, свирење. Тоа и на децава мои им го кажувам. Ја многу често моите чувства ги ставам под тепих, за да можам да ги извадам кога свирам музика или кога компонирам, или кога сум во студио – да можам да ги консултирам тие чувства што ми се под тепих. Да ги извадам и да ги употребам во вистински момент и на вистински начин. Можеби е тоа погрешно, можеби ми треба психијатар, па да му се истоварам нему, да му кажам сè што ме мачело или што ме мачи, или што ќе ме мачи… Ама ете, ја така сум навикнат, како некој војник, тврдоглаво и упорно да терам напред, што и да ме чека таму напред“.
Во разговорот, Стефановски се осврна и на вештачката интелигенција и рече дека тој не е човек кој сака дигитално да се трансформира.
„Имам една песна што се вика ‘Модерни времиња’, каде што се пресметав со вештачката интелигенција на еден сатиричен и духовит начин. Јас сум преплашен од тоа каде оди светот и како оди светот. Кога ќе слушнам дека ние имаме Министерство за дигитална трансформација. Ние мораме сите дигитално да се трансформираме. Зошто? Ја не сакам да се трансформирам дигитално, сакам да останам аналоген тип. Е, тоа е едно трчање напред со замижани очи. Напред. Каде тоа напред? Каде оди оваа цивилизација напред? Ја имам многу прашања да поставам – каде тоа напред? Кои се тие алгоритми што ќе нè заменат нас? Кои се тие роботи што ќе нè заменат нас? Веќе нè заменуваат. Веќе нема потреба од нашата работа“, рече Влатко Стефановски.
Потоа додаде дека наишол на програма за креирање музика и видеоспотови и заклучи дека светот оди брзо напред, без да знае што прави.
„Имаше една програма за креирање музика, само укуцај кој сакаш да бидеш: Род Стјуарт сакам малку, 50 отсто Род Стјуарт стави му и 40 отсто Том Џонс. И гледај да играм како Принс или како Џејмс Браун. И спот ќе снимам, ама гледај ја да играм како Џејмс Браун. Значи, се поставуваат големи прашалници, а светот – сега не зборам локално, зборам глобално – светот трча многу напред во тој дигитален облак, без да знае што прави“, рече меѓудругото Стефановски.


