Гуска - Фото: Pexels/ Ramon Karolan

ФОТО | Цела Грција зборува за неа — гуска води битка со илјадници туристи

Една бела гуска на грчкиот остров Сирос неочекувано се најде во центарот на вниманието на јавноста. Дел од локалните жители и посетители тврдат дека птицата станала агресивна кон капачите, претворајќи ја плажата Ахлади во тема за која деновиве се зборува низ цела Грција, пишува „Грик репортер“.

Сè започнало по објава на социјалните мрежи во која било наведено дека гуската напаѓа посетители на плажата и претставува опасност за безбедноста. Објавата брзо се проширила и предизвикала илјадници реакции, а во дебатата се вклучиле и организации за заштита на животните.

Белата гуска на плажата Ахлади – Фото: https://greekreporter.com/

Со години живее на плажата

Според локалните жители, гуската не е дојдена неодамна, туку живее на плажата Ахлади уште од времето кога била мало пајче. За многумина од жителите таа е препознатлив дел од плажата во текот на целата година.

Но, зад приказната за нејзиното наводно агресивно однесување се крие и друга страна. Мештаните велат дека птицата со години била изложена на вознемирување од туристи и деца, кои ја гаѓале со камчиња, ја прскале со водени пиштоли и често ја бркале.

Од Панхеленското движење против злоупотреба на животните посочуваат дека однесувањето на гуската е сосема природно. Според нив, многу видови птици силно ја штитат територијата што ја сметаат за свој дом.

Тие нагласуваат дека природата не им припаѓа исклучиво на луѓето и дека соживотот со животните бара почитување и разбирање на нивното природно однесување.

„Животни кои со години живеат на едно место не можат да се прогласат за проблем само затоа што нивното присуство не одговара на нечии очекувања“, порачуваат од организацијата.

Општината застана во одбрана на гуската

Откако расправата доби национално внимание, реагираше и Општината Сирос-Ермуполи. Иако домашните птици формално не се под нејзина надлежност, локалните власти јасно ставија до знаење дека немаат намера да ја отстранат гуската.

Во соопштението се наведува дека таа со години е дел од плажата и дека жителите добро ја познаваат.

„Ги советуваме капачите да држат растојание, бидејќи животното едноставно се обидува да ја заштити својата зона на сигурност, водено од инстинктите. Ѝ дозволуваме слободно и безбедно да живее во својот дом“, порачаа од општината.

Поширока расправа за односот кон природата

Случајот со гуската отвори поширока дискусија за односот на луѓето кон природата и дивите животни. Активистите предупредуваат дека сè уште постои став според кој секоја плажа, карпа или природен простор им припаѓа исклучиво на луѓето, а животните треба да се повлечат кога ќе се појават посетители.

Според нив, наместо да се бара отстранување на животните секогаш кога ќе дојде до судир меѓу човекот и природата, потребно е поголемо разбирање за тоа како човечките активности влијаат врз природните живеалишта и екосистеми.

Турист добил отштета затоа што неговото семејство останало без лежалки на одмор во Грција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот