Турист добил отштета затоа што неговото семејство останало без лежалки на одмор во Грција
Германски турист добил повеќе од 900 евра отштета, откако неговото семејство за време на одмор во Грција останало без лежалки покрај базенот бидејќи другите гости ги заземале уште во раните утрински часови, пренесува „Си-ен-ен“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мажот, чиј идентитет не е откриен, летото 2024 година престојувал со сопругата и двете деца на островот Кос. Тој тврдел дека лежалките биле недостапни уште од шест часот наутро.
Семејството платило 7.186 евра за 11-дневен престој во хотел со 384 соби, неколку базени, зони за релаксација и пристап до плажа, се наведува во пресудата на Окружниот суд во Хановер.
Иако во хотелот имало дрвени табли со забрана за резервирање лежалки со пешкири, таткото на две деца рекол дека гостите секојдневно го игнорирале правилото.
Туристот го пријавил проблемот кај туристичкиот водич, но му било кажано дека хотелот е задолжен за спроведување на куќниот ред. Кога се обратил и до хотелскиот персонал, тврди дека не добил решение.
Семејството секое утро станувало рано со надеж дека ќе најде слободни лежалки покрај базенот, но успеале само еднаш. Дури и тогаш, според неговите наводи, само тој и сопругата добиле лежалки, додека децата лежеле на пешкири на земја.
Судот пресудил во корист на туристот и оценил дека условите што биле ветени при аранжманот не биле исполнети. По првичното барање за обештетување, семејството добило делумен поврат на средства, а сега им биле доделени дополнителни 986 евра.
Според германските закони, патувањето се смета за неисправно доколку организаторот не ги обезбеди договорените услови наведени при резервацијата.
Судот навел дека хотелот и туристичката агенција не се должни да обезбедат лежалка за секој гостин, но мора да има разумен број лежалки во однос на бројот на посетители.
Во пресудата се посочува и дека децата, иако имале девет и 12 години, имале право на лежалки, а не да седат на земја.


