Тринаесеттата книга на Игор Анѓелков е со наслов „Дријади“
Како деветто издание во едицијата „И ете приказна“ на издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје објавена е книгата „Дријади“ од Игор Анѓелков. Ова е тринаесетта книга на авторот, а прва наменета за децата и младите читатели.
Препорачано
Во романот „Дријади“ главни протагонистки се три средношколки, три другарки кои по прославата на роденденот тргнуваат на својот прв заеднички летен одмор на море. Решени да не лудуваат, туку да поминат еден мирен и „пензионерски“ одмор во соседството, тие неочекувано наидуваат на случки и ситуации на кои на почетокот не им придаваат значење, за потоа, како дејствието се развива и се згуснува, сѐ да почне да се отплеткува пред нивните очи. Умешно вметнувајќи елементи од митологијата на случувањата во сегашноста, книгата ја скокотка фантазијата и се чита со задоволство.
„Во последнава декада навистина имаме со што да се пофалиме кога се работи за литературата наменета за помладите читатели. ‘Дријади’ со својата непретенциозност се приклучува кон книгите наменети за возраста која ако сега не кликне на читањето книги, тогаш засекогаш ќе биде оддалечена од богатите содржини што ни ги ‘подарува’ литературата, овозможувајќи критичко согледување на нештата околу нас и оформување на свој светоглед“, вели Анѓелков.
Тој нагласува дека тринаесеттата објавена книга, според суеверието, никако не значи лоша среќа, туку напротив, отворање на една нова врата, нов свет во кој уживал да престојува додека ја пишувал книгата, која освен децата и младите, може да ја читаат и возрасните што ревносно го негуваат „детето во себе“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)


