Никола Кукунеш и Анеке Брасинга / Фотографија: СВП

Највисоките фестивалски признанија на 65-тите Струшки вечери на поезијата беа врачени на поетското читање „Мостови“

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ и „Браќа Миладиновци“ проследено со меѓународното поетско читање „Мостови“ на 28 јуни, на „Мостот на поезијата“ во Струга, заврши 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Наградата „Златен венец“ на холандската поетеса Анеке Брасинга ѝ ја врачи в.д. директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.

Претседателката на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, Наташа Аврамовска, ѝ ја додели наградата на Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“. Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.

Во рамките на фестивалската програма, на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство му беше врачена наградата „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобар поет-дебитант за стихозбирката „Нови познати фрази“.

Наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво му беше доделена на Ибраим Џемаил – Скарабеус за книгата „Патешествие низ времиња“.

Наташа Аврамовска и Николина Андова Шопова / Фотографија: СВП

Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски оцени дека овогодишното издание беше успешно реализирано со околу 50 настани, богата програма и учество на значајни домашни и странски автори.

„Веројатно публиката тоа подобро ќе го оцени и сите оние кои присуствуваа на педесеттината настани кои беа дел од овогодишното издание на фестивалот. Несомнено е дека имавме успешен фестивал, ако се погледнат работите кои сме ги направиле во пресрет на изданието и кои беа реализирани. Од исклучителните творци кои ги поканивме оваа година и кои учествуваа, покрај лауреатката Анеке Брасинга, тука беше Даниел Хајнс, Михаел Кригер, Шји Чуан и шкотскиот национален поет Питер Мекеј…“, посочи Стефоски.

Тој ја нагласи и континуираната соработка со 35 фестивали во Европа во рамките на платформата „Версополис“, преку која се промовираат поети кои се сметаат за значајни идни гласови на европската поетска сцена. Оваа година во рамки на програмата учествуваа Ален Бешиќ од Србија и Гаја Џованоли од Италија, со тријазични избори од нивното творештво.

Враќањето на фестивалот во неговиот оригинален термин, според Стефоски, претставува позитивен чекор, кој не само што не го намалил квалитетот, туку придонел за подобра организација и за развој на дополнителни содржини. Тоа, подвлече, овозможува и понатамошно сообразување на фестивалот со современите културни текови и отворање кон нови модели на соработка со образовните институции, како универзитетите, основните и средните училишта, со цел развој на публика за книжевноста и за поезијата.

На 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа околу 70 поети од земјава и странство. Учесниците на фестивалот од Струга уште еднаш ја испратија пораката дека поезијата е универзален јазик без граници, кој ги обединува луѓето и народите од сите страни на светот.

Манифестацијата почна на 24 јуни со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитничката на „Златен венец“ и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. Струшките вечери на поезијата се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирани се од Министерството за култура и туризам.

Според фестивалската програма, во рамките на „Поезијата на пат“, на 29 јуни „Поетско матине“ ќе се одржи во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци, известија од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот