Во црквата „Света Софија“ во Охрид се одржа портрет на Анеке Брасинга, лауреат на „Златен венец“ на СВП
Традиционалното поетско претставување на лауреатот на највисокото фестивалско признание на Струшките вечери на поезијата „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга, се одржа на 27 јуни во црквата „Света Софија“ во Охрид. На претставувањето присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Препорачано
Пригодна реч за Брасинга одржа Бас Квакман, кој 16 години бил директор на меѓународниот поетски фестивал во Ротердам. Тој ги отфрли тврдењата дека фестивалот во Ротердам е најстар, бидејќи, според него, Струшкиот фестивал е многу постар и е најдобриот фестивал во светот. Брасинга ја нарече „јазична волшебничка на холандската поезија“, а ги пренесе и изненадувањето и восхитот кога ја примила веста дека добила една од најголемите светски награди за поезија, но и возбудата што некој во Македонија превел над 150 нејзини песни на македонски и англиски јазик.
„Од 1971 година, фестивалот во Струга им оддава почит со ‘Златен венец’ на неверојатна низа поети, како Пабло Неруда, В.Х. Оден, Рафаел Алберти, Ален Гинсберг, Тед Хјуз, Јосиф Бродски и Маргарет Атвуд. Голема чест е денес овде да претставам една личност која потполно се изненади од фактот дека станала еден од овие поети-добитници на ‘Златниот венец’, но која сепак заслужува да биде на тој список, Анеке Брасинга, јазичната волшебничка на холандската поезија. Доделувањето на оваа награда изгледа мошне впечатливо, бидејќи Анеке Брасинга пишува на релативно мал јазик, јазик кој надвор од Холандија се говори – во малку поинакви форми – само во Фландрија, Јужна Африка и неколку острови во Карибите. Затоа, тоа што програмските автори на Струшкиот фестивал го открија и го препознаа делото на Брасинга говори многу за нивната широка, остра и мошне квалитетна визија“, рече Квакман.

„Анеке Брасинга на почетокот воопшто не сакаше да стане поетеса. Поетите, си мислеше таа, трагаат по сензационализам, суетни луѓе кои се потпираат на лесни чувства и евтина мудрост. Подобро е да се избегнуваат, си мислеше таа. Формата на песната, онаа ‘кожа што е или претесна или премногу обесена’, како што самата ја нарекуваше, ја одвлекуваше од она што песната навистина сака да го соопшти. Песните што ги читала ја преплавиле со нејзините сопствени чувства и емоции, под коишто самото нешто, песната, целосно исчезна. Неа ја трогнаа само песните што не можеше веднаш да ги сфати, коишто беа мистериозни и неопределени, и што содржеа ветување за неисполнета убавина. Песни кои беа отаде нејзиното разбирање, но во кои можеше да талка како во пејзаж. Брасинга тргна во потрага по таквото пограничје и го пронајде првенствено во јазици поинакви од својот. Се запиша на Универзитетот во Амстердам и стана книжевна преведувачка. Се зафати да ги преведува прозните дела од Владимир Набоков, Дени Дидро, Херман Мелвил, Оскар Вајлд, В.Х. Одн, Џорџ Орвел, E.M. Форстер, Жан Жак Русо, Херман Брох, Семјуел Бекет, Гертруда Штајн, Марсел Пруст и многу други, и преведуваше поезија од Силвија Плат, Мајкл Хофман и други“, кажа Квакман во портретот за Брасинга.
До својата цел пристигнала преку преводите на звучни светски имиња, како Данте, Вергилиј, Хомер, Шекспир, Чехов.
„Внимателно опипувајќи, таа тргна во потрага по срцебиењето на текстот, со настојување да го направи чујно. Преобликувајќи го, не со глина туку со ‘талогот и инспирацијата’ на сопствениот јазик, таа се обиде на автономното дело на авторот да му даде противтежа и дополнение. Тоа ѝ ги донело сите големи награди за превод во нашата земја. Чекорот кон сопственото творештво како да се случил природно. Да се пишува поезија и проза е исто како да се преведува поезија и проза, но во обратен редослед: внимателно да се опипува срцебиењето на сопствениот текст, кој сè уште е неартикулиран и не постои. Внимателно да се наслушнува она што треба да се чуе, со надеж дека ќе се појави нешто што блеска и што звучи автентично, што е концизно и наликува на почетна точка. Но, како поетеса која започнала како преведувач, Анеке Брасинга е мошне свесна дека литературата е непрекинат разговор со другите јазични подрачја и со другите генерации. Тоа го прави нејзиното дело и интертекстуално и универзално – Брасинга собира јазик од сите краишта на светот и постојано ги потсетува читателите дека слушаат повеќе од еден глас“, додаде Квакман.

За преведувачката на песните од холандски на македонски јазик Ели Пујовска оцени дека се зафатила со огромната задача да ги преведе песните на Брасинга и заслужува секаква пофалба и заслуга за нејзиното многу вешто и сочувствително дело.
„Таа влегла во умораширувачката вселена на јазикот и нашла зборови и изрази на кои никаде досега не наишла. Во секоја песна се отвораат неочекувани видици на изразна моќ. Јазикот во овие песни е извртен, соголен, и потоа одново соголен, сѐ додека сите регистри што воопшто постоеле не се одново присутни. Оваа поезија навистина пропатувала насекаде, во безброј книжевности, традиции и средини, од академијата до пазарот, од сокаците до кафеаната. Со видлива насладa, Брасинга користи ли користи речиси заборавени или застарени зборови, кои се вкусуваат и одново се вкусуваат во нејзините песни. Неверојатно умна, духовита, трогателна, понекогаш раздразнувачка, но никогаш лесна“, подвлече Квакман.

За моќта на поезијата говореше лауреатката Анеке Брасинга.
„Денес, 27 јуни, бидејќи е еден од најдолгите денови во годината на оваа хемисфера, ние, собрани овде заради поезијата, имаме време за да го спасиме овој стар свет за новите генерации. И, како да го оствариме чудото на мирот? Која е моќта на поезијата? Може ли таа да нè спаси од хаосот, од пресвртите, од ужасите на војната? Се собравме во Струга за да се слушнеме како заедно ја славиме оваа недопирлива стихија, оваа невидлива супстанца која е извор на виталност во човечкиот ум. Таа може да ги нахрани другите и носи среќа и радост на слободата. Таа ќе ни овозможи да издржиме и да опстоиме. Затоа сум пресреќна што сум овде, за да ја примам и да ја дадам оваа радост. Да пишувам поезија за мене значи: да имам живот. Не преку заработување на дневното парче леб – не, не леб – туку преку тоа што ми дозволува да дишам. Небаре ставањето зборови на хартија (го нарекуваме тоа ‘чкртање’) да е вежба по преведување за внатрешното уво и внатрешното око: преработка на дополу уловени, промрморени фрагменти од нешто итно значајно, и каприциозни мозочни импулси, што лебдат како огнот на Свети Елмо, во јасни самогласки и одделни согласки, во ритмички шаблони од кои, додека ги изговарам, извира жива форма што лебди или полетува на мојот здив. Не сакам да кажам дека здивот ми е како здивот на Светиот дух, кој ‘се лебдеше над површината на водите’ во библиската Книга Битие – дишењето, за смртно битие како мене и вас, е едноставно начин да се остане жив. Опстојувањето во живот има врска со слободата. Слободата има врска со јазикот и комуникацијата, не само во онаа трансакциска смисла – ‘јас на тебе – пари, ти на мене – леб’, туку уште повеќе во симболичка смисла. Таму насилството и конкуренцијата се во мирување и таму се согласуваме да влеземе во една област на јазикот и говорот како основа, како тло за препознавање: во способноста да се биде едно, да се формира, за миг, еден збратимен дух вклучен во внатрешен дијалог. Во тој дијалог обајцата, поетот и читателот, се (за миг) совршено и (конечно) искрени и совршено еднакви“, истакна добитничката на „Златен венец“ на 65-тите Струшки вечери на поезијата.
Во пишувањето поезија, подвлече таа, премолчената витална сила нè поттикнува да го обликуваме и коваме јазикот во жива статуа, пород на размислувањето и интуицијата.
Традиционално, со врачување на највисоките фестивалски признанија и меѓународното поетско читање „Мостови“, на 28 јуни, на Мостот на поезијата ќе заврши 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
На манифестацијата, на холандската поетеса Анеке Брасинга ќе ѝ биде врачен „Златниот венец“, највисокото фестивалско признание. Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата ќе ѝ биде доделена на македонската поетеса Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, известија од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.


