Театарска уметност Бунраку / Фотографија: Мегуми Такизава

Јапонскиот професионален куклен театар Бунраку ќе има презентација во Кинотеката во Скопје

Извонредната театарска уметност Бунраку, во која префинетото кукларство и богатата нарација оживуваат приказни стари со векови, со претстава и работилница на 30 јуни ќе биде презентирана во Кинотеката во Скопје.

Бунраку е јапонски професионален куклен театар. Развиен главно во текот на 17 и 18 век, тој претставува една од четирите форми на јапонскиот класичен театар, покрај кабуки, но и кјоген. Терминот „бунраку“ потекнува од „Бунраку-за“, името на единствениот комерцијален театар за бунраку што опстанал до денес.

Бунраку е познат и како „нингјо џорури“, назив што упатува на неговото потекло и суштина. „Нингјо“ значи „кукла“, а „џорури“ е стил на драмско наративно пеење придружено со трижичниот инструмент шамисен.

Заедно со кабуки, бунраку се развивал како дел од живата трговска култура на периодот Едо (1600–1868). Иако користи кукли, бунраку не е детски театар. Од околу 700 драмски дела создадени во периодот Едо, приближно 160 останале во денешниот репертоар. Претставите, кои некогаш траеле цел ден, денес се скратени од првичните шест на два или три чина.

Нингјо Џорури Бунраку е прогласен за нематеријално културно богатство на Јапонија во 1955 година, а во 2008 година е впишан на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО (првично прогласен во 2003 година).

За работилницата и изведбата во Кинотеката ќе биде обезбеден превод на англиски јазик. Влезот е бесплатен, а местата се достапни по принципот „прв дојден – прв услужен“, известија од Амбасадата на Јапонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот