Настанот ќе се одржи во Музејот на современата уметност во Скопје

Еден од најзначајните филозофи на денешницата Мартин Хеглунд гостува на фестивалот „Крик“

Фестивалот за критичка култура „Крик“ е домаќин на најзначајниот, најпровокативниот и најактуелниот филозоф на 21. век, Мартин Хеглунд.

На 29 јуни (понеделник), со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност, ќе може да се проследи предавањето на Мартин Хеглунд насловено „Овој живот – критика и еманципација“, кое се заснова на неговите тези епистемолошки разработени во неговата веќе култна книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, која „Контрапункт“ ја издаде во превод на Жарко Трајаноски, уште во 2020 година, во својата едиција за современа критичка теорија „Пунктум“, а тоа беше, воопшто, првиот превод на оригиналното издание од 2019 година.

– Во време во кое иднината сè почесто се доживува како закана, а не како ветување, прашањето како да се живее добар и слободен живот повторно станува едно од најитните филозофски и политички прашања на нашето време. Што е она што навистина му дава вредност на животот? Од каде произлегуваат нашите најдлабоки заложби? И како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов?

Фестивалот за критичка култура „Крик“ со гостувањето на Мартин Хеглунд ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите техно-феудални наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, грижливи и солидарни заедници.

Неговите реисчитувања за нашата конечност, за начинот на градење заедници, за демократскиот социјализам, за одговорноста и за перспективите на капиталистичкото поимање на времето, односно за нашиот однос кон нашето врамено и ограничено време, сопоставено во однос на христијанските начела за времето, се револуционерни и се тема на стотици филозофски, теолошки и политички симпозиуми и дебати.

Едно од клучните прашања што ги разработува Хеглунд во своето капитално филозофско дело е како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов? – истакнуваат од „Крик“.

Мартин Хеглунд е шведски филозоф и професор по компаративна книжевност и хуманистички науки на Универзитетот Јејл, Соединетите Американски Држави. Автор е на четири високо ценети книги преведени на петнаесет јазици. Неговата работа се фокусира на прашањата за слободата, времето, одговорноста и секуларната вера, како и на начините на кои политичките, економските и културните системи ги обликуваат човечката зависност и грижата за другите.

Добитник е на бројни престижни признанија, меѓу кои Гугенхајмовата стипендија и наградата „René Wellek“, а неговите дела и идеи имаат значително влијание врз современите дебати за демократијата, социјалната правда и колективната одговорност.

Фестивалот за критичка култура „Крик“ е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт Фонд“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот