Меган Маркл и принцот Хари / Фото: DPPA / ddp USA / Profimedia

Одбиено барањето за полициска заштита — Хари и Меган може да го откажат доаѓањето во Велика Британија

Војводата од Сасекс ги преиспитува плановите да ги донесе сопругата и децата во Велика Британија следниот месец откако беше одбиено неговото барање за полициска заштита.

Принцот Хари, неговата сопруга Меган и нивните деца Арчи и Лилибет требаше по првпат по четири години заедно да ја посетат Велика Британија.

Неговиот тим поднесе формално барање за полициско обезбедување во текот на нивниот престој во Британија, но наводно им било соопштено дека нема да им биде обезбедена заштита финансирана од даночните обврзници, објави Би-би-си.

Извори велат дека принцот Хари е потресен од одлуката, донесена само неколку дена пред планираното пристигнување на семејството, но дека сè уште сака да најде начин да ја оствари посетата.

Тимот на принцот Хари го чекал исходот од безбедносната проценка од страна на Кралскиот и ВИП извршниот комитет (Равек), тела кои за британското Министерството за внатрешни работи одлучуваат за безбедносните аранжмани за високите членови на кралското семејство.

Тимот на принцот Хари и Меган соопштил дека двојката веќе ја прифатила понудата во текот на патувањето да престојуваат на кралски имот како гости на кралот Чарлс, иако локацијата на избраната кралска резиденција не е објавена.

Извори од Бакингемската палата, меѓутоа, наведуваат дека не добиле потврда дека нивната понуда е прифатена.

Се очекуваше и дека двојката ќе користи приватен смештај во текот на престојот во Велика Британија. Полициска заштита би била достапна во текот на престојот на кралскиот имот, но надвор од тој простор принцот Хари би морал да се потпре на приватен тим за обезбедување што ќе патува со него од Калифорнија.

Семејството требаше да престојува во Велика Британија околу пет дена. Меган, војвотката од Сасекс, планираше да му се придружи на својот сопруг на голем број јавни настани во Лондон и Мидлендс.

Принцот Хари последен пат го виде својот татко во септември кога пиеше чај со кралот во Кларенс хаус, што беше нивна прва средба лице в лице од февруари 2024 година.

Последниот пат кога кралот Чарлс ги виде своите внуци лично беше во текот на прославите на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора во 2022 година.

Конечната одлука за патувањето на сопругата и децата на принцот Хари ќе биде донесена во наредните денови.

ФОТО | Црвенокосата принцеза Лилибет наполни 5 години — Меган Маркл сподели досега невидени семејни моменти

ФОТО | Црвенокосата принцеза Лилибет наполни 5 години — Меган Маркл сподели досега невидени семејни моменти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот