Муцунски: Од официјална гледна точка ние ја затворивме темата со дипломатската нота, на потег е Бугарија
Македонија од официјална гледна точка ја затвори темата со Софија околу дипломатската нота за семејството на премиерот Христијан Мицкоски и сега се очекува соодветен одговор од бугарска страна, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Препорачано
Според него, истрагата за случајот треба да се спроведе таму „каде што најдобро знаат“, но упати и остри критики до официјална Софија за начинот на кој се однесува кон овој скандал.
„Истрагата треба да се направи таму каде што најдобро знаат, нека се направи. И мислам дека тука, од официјална гледна точка, ние со Софија ја затворивме темата и очекуваме соодветен одговор од нивна страна. Според мене, не е во духот на добрососедството и пријателството да се каже дека се работи за стара информација. Тоа не е добар пристап кога ја оспоруваме дипломатската комуникација“, рече тој.
Бугарското МНР минатата недела негираше дека споделило дипломатска нота поврзана со патувањето на семејството на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово – Бугарија, откако случајот предизвика ново затегнување на односите меѓу двете земји.
„Бугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава“, изјавија од Министерството за бугарските медиуми.
Оттаму објаснија дека информациите што циркулираат се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година, поврзана со настани од минатото.
Според бугарското МНР, оваа документација не може да се смета како основа за заклучок дека постои непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на друга држава. Министерството исто така нагласи дека строго се придржува до меѓународните правила за заштита на дипломатската кореспонденција.
Муцунски претходно информираше дека македонското МНР го повикало на разговор амбасадорот на Бугарија во врска со протекувањето во јавноста на дипломатската нота со информации за членови на семејството на претседателот на Владата кои патувале во Бугарија. Како што кажа тој, објаснување за дипломатскиот пропуст не добиле ниту од амбасадорот, ниту од бугарското министерство за надворешни работи.
Премиерот Мицкоски, пак, во интервју за МРТ изјави дека не верува оти последните случувања се случајни и ги поврза со, како што рече, организирани обиди од Бугарија за влијание врз македонската политичка сцена.
Според него, зад дел од јавните настапи и политички активности стои поширока агенда за промовирање позиции што македонските граѓани не ги прифаќаат.


