Плакат за изложбата „Два погледа на документарната фотографија“

Фотографска изложба и концерт се на програмата на „Скопско лето“

Во Националната галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“, на 2 јули (четврток), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена фотографска изложба на Зоран Андонов и Драги Неделчевски, насловена „Два погледа на документарната фотографија“. Куратор на изложбата е Александар Кондев.

Изложбата на Зоран Андонов и Драги Неделчевски претставува две различни, но длабоко поврзани визии на документарната фотографија. Низ фотографии создадени во текот на повеќе децении, Андонов го бележи ритамот на јавниот живот и колективните ритуали, додека Неделчевски го насочува погледот кон тивките, секојдневни сцени исполнети со лична и поетска атмосфера. Две различни авторски перспективи што заедно создаваат интимен и искрен визуелен дијалог за времето, животот и погледот кон светот.

Истата вечер (2 јули), со почеток во 20:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт насловен „Кларинет во придружен гудачки квартет“.

Плакат за концертот „Кларинет во придружен гудачки квартет“

Изведувачи се: Бранко Павловски – кларинет, Камелија Дуковска Зефиќ – прва виолина, Бранислав Автовски – втора виолина, Марија Димитријевиќ – виола и Енис Аљи – виолончело.

Во овој концертен проект кларинетот и гудачкиот квартет создаваат суптилен музички дијалог во кој се преплетуваат лириката, виртуозноста и емотивната длабочина. Програмата ги обединува елегантната минијатура Pagina d’Album од Микеле Мангани, монументалниот Кларинетски квинтет во h-moll, оп.115 и современиот македонски музички израз преку делото „Кога бев дете“ од Марјан Јанкоски. Концертот претставува патување низ различни музички светови, каде традицијата и современоста се среќаваат во еден заеднички звучен простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот