Изведбата на претставата ќе се одржи во „Лабораториум“

Претставата „Кокошка“ на независниот театар „Вортекс“ ќе има изведба на „Скопско лето“

Во Едукативниот културен центар „Лабораториум“, на 1 јули, со почеток во 20:30 часот, ќе се одигра театарска претстава „Кокошка“ на Независниот театар „Вортекс“ во копродукција со НУ Театар „Комедија“.

Претставата „Кокошка“ е создадена според Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска. Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески. Фотографиите се на Луција Спасовска.

Во претставата играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.

„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото.

Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем.

Претставата ги освои двете најзначајни награди на јубилејното десетто издание на Интернационален театарски фестивал во Приштина, кое се одржа од 18 до 23 мај во Приштина. Наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот ѝ беше доделена на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Ала во претставата „Кокошка“, додека претставата ја доби и главната награда за најдобра претстава на фестивалот.

Претставата беше селектирана за учество и на меѓународниот фестивал на современа драма „Кољада плејс“ („Kolyada-Plays“, 2026), што се одржа во Екатеринбург, каде доби специјална награда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот