Почина Виктор Вилис, фронтмен на „Вилиџ пипл“ и гласот зад безвременскиот хит „YMCA“
Виктор Вилис, фронтменот на легендарната диско-група „Вилиџ пипл“ и гласот зад безвременските хитови „YMCA“, „Go West“ и „In the Navy“, почина на 74-годишна возраст, соопшти групата на својата официјална фејсбук-страница.
Препорачано
„Со голема тага ја соопштуваме смртта на Виктор Вилис, главниот пејач на ‘Вилиџ пипл’. Виктор почина во понеделник, на 30 јуни 2026 година, по кратко, но агресивно боледување. Ве молиме да ја почитувате приватноста на семејството“, се наведува во соопштението.
Слична објава сподели и неговата сопруга Карен Хаф Вилис.
Роден во Тексас, Вилис пораснал во Сан Франциско, каде што почнал да пее госпел во баптистичката црква на својот татко. Подоцна се насочил кон џезот и соул-музиката, а уште како средношколец настапувал како предгрупа на „Темптејшнс“. Во текот на кариерата имал можност да настапува и со легендарниот џез-трубач Дизи Гилеспи.
По студиите, добил улоги во мјузиклите „Коса“ (Hair), „Двајца џентлмени од Верона“ (Two Gentlemen of Verona) и „Виз“ (The Wiz) на Бродвеј. Токму таму ја запознал својата прва сопруга, актерката Филиша Рашад, која подоцна ќе стане светски позната по улогата во серијата „Козби шоу“.
Во 1977 година го запознал францускиот продуцент Жак Морали, кој го поканил да биде главен вокал на новата диско-група „Вилиџ пипл“. Вилис станал нејзино препознатливо лице и коавтор на најголемите хитови.

Групата стекна светска слава кон крајот на 1970-тите со настапите во костими инспирирани од различни професии, а Вилис најчесто настапуваше како полицаец или морнарички офицер. Албумите „Cruisin’“, „Macho Man“ и „Go West“ ги донесоа песните „YMCA“, „Macho Man“, „Go West“ и „In the Navy“, кои станаа светски хитови и симболи на диско-ерата.
Во 1979 година Вилис ја напушти групата, непосредно пред снимањето на филмот „Не можеме да ја запреме музиката“ (Can’t Stop the Music), кој доживеа голем комерцијален неуспех. Неговата соло-кариера не го достигна успехот што го имаше со „Вилиџ пипл“, а подоцна јавно зборуваше за депресијата и зависноста од дрога со кои се соочувал во текот на 1980-тите и 1990-тите години.
По лекувањето и закрепнувањето, започна долга правна битка за авторските права на песните што ги напишал. Во 2015 година федерален суд му призна 50 проценти сопственост врз 13 песни на групата во САД, меѓу кои и „YMCA“, што му овозможи повторно да се приклучи на „Вилиџ пипл“ во 2017 година.
Во последните години повторно настапуваше со групата. Иако претходно јавно се противеше тогашниот американски претседател Доналд Трамп да ја користи „YMCA“ на политички митинзи, во јануари 2025 година настапи на прединаугурацискиот собир, објаснувајќи дека музиката треба да ги надминува политичките поделби.
Вилис до крајот на животот инсистираше дека „YMCA“ не ја напишал како геј химна, туку како песна инспирирана од неговите искуства со центрите на организацијата YMCA во Сан Франциско, каде младите можеле да најдат сместување, спортски активности и поддршка.
Без оглед на различните толкувања, „YMCA“ останува една од најпрепознатливите песни во историјата на популарната музика. По објавувањето во 1978 година се искачи на првото место во 17 земји, а нејзината препознатлива кореографија и денес е неизоставен дел од свадби, забави и спортски настани ширум светот. Во 2020 година песната беше вклучена во Националниот регистар на снимки на Библиотеката на Конгресот на САД како дело со исклучително културно и историско значење, а истата година влезе и во Куќата на славните на наградите Греми.


