Ана Пејчинова во Авганистан во 2007 година / Насловна корица на книгата „Пустинско срце“

Своите искуства од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан писателката Ана Пејчинова ги раскажува во „Пустинско срце“

Во издание на „Или-Или“ излезе од печат книгата „Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова. Станува збор за книга на сеќавања, заснована врз вистинити настани, во која авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан.

Низ лична, динамична и книжевно обликувана проза, Пејчинова го води читателот низ Кабул, Кандахар, Лашкар Гах и други места обележани од војна, пустина, древна историја, племенски обичаи и незаборавни човечки судбини. Книгата не е само сведоштво за една земја во драматичен историски период, туку и интимна приказна за стравот, привлечноста на непознатото, преживувањето и длабоката човечка врска со еден тежок, но моќно фасцинантен свет.

Покрај мемоарскиот дел, изданието содржи и прилози за историјата, културата, племенскиот живот, војните и обичаите во Авганистан, што му даваат на делото дополнителна документарна и културолошка вредност.

Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош.

На македонски јазик, има објавено четири збирки поезија: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија, а „Чувари на малите нешта“ беше финалист за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска збирка во 2025 година.

Нејзини стихови се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици. Покрај поетските збирки, пишува и проза: објавени се нејзините раскази „Авгански дневници“ (2008) и документаристичкиот роман „Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан“ (2026).

Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик. Покрај книжевните текстови, Пејчинова има публикувано трудови од областа на политичките науки, психологијата и филозофијата. Се занимава и со визуелна уметност – графика и восочни минијатури.

Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006). Работела и како психолошки советник во Прага и Скопје, а повеќе од петнаесет години делувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони, како постар советник во меѓународен развој и хуманитарна помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот