Сè уште не се готови становите во „Порта супериум“, платени уште пред две години
На последниот состанок со инвеститорот, купувачите добија уверувања за завршување на градбата и датуми за добивање технички прием и изготвување имотен лист до крајот на оваа година, кои се најважни за да „тргне тркалото“, односно купувачите да можат да почнат да си ги подготвуваат своите станови за вселување
Купувачите на повеќе од 500 стана од сите четири згради што се дел од комплексот „Порта супериум“, во Аеродром, кој неколку години е во фаза на изградба, а првичниот датум за целосно завршување на градбата, според преддоговорите на купувачите на становите, бил во септември 2024 година, сѐ уште не можат да се вселат во своите станови.
Препорачано
Становите исплатени, зградите недоградени
Kупувачите на станови уште во неколку наврати претходно се жалеле поради динамиката на изградбата на комплексот, каде, како што тврдат, сите четири згради доцнат со изградбата веќе три години. Според нив, поголем дел од становите се исплатени во целост уште во 2023 година, а оттогаш дел од купувачите се принудени на веќе платен стан на живеат под кирија речиси две години, чекајќи го епилогот од застојот и одложувањето на работите
Тие повеќепати одржале состанок со инвеститорите „Порта инженеринг“, од каде што добивале неколку уверувања со нови крајни датуми кога становите ќе бидат подготвени за вселување.

Комплексот „Порта супериум“ се состои од два објекта, односно четири згради и има 557 стана. Првите катови од зградите се наменети за деловни простории, кои се околу 5.000 квадратни метри, а останатиот дел се наменети за станбено живеење. Зградите располагаат и со три подземни нивоа за паркинг, кои исто така сѐ уште не се готови во дел од зградите.
Имотни листови до Нова година
На последниот состанок што се одржа пред два дена, купувачите се сретнаа со инвеститорот и со инженерскиот тим што работел на проектот, од каде добија уверувања дека до крајот на годинава ќе има технички прием и ќе се добијат имотни листови, кои се најважни за да „тргне тркалото“, односно купувачите да можат да почнат да си ги подготвуваат своите станови за вселување.

Инвеститорот се сретна со купувачите на становите, кои за него имаа голем број прашања, а од нив, најголем дел беа насочени кон извештајот за техничка исправност на зградите 3 и 4, кои се водат како еден објект и заедно треба да ја добијат потврдата за техничка исправност, без која не можат да бидат изготвени имотните листови и без која станарите, според членот 9 од нивните преддоговори, не можат да добијат владение на просторот што го купиле.
„Недвижноста предмет на овој преддоговор ќе му биде предадена во владение на купувачот по изградбата на предметната зграда и добивање технички извештај за нејзино пуштање во употреба најдоцна до јули 2024 година, преку составување записник за примопредавање во кој ќе бидат внесени евентуални забелешки од страна на купувачот“, се вели во преддоговорот.
Изградбата веќе доцни повеќе од една година
Според станарите, иако во дел од преддоговорите како краен рок го наведуваат јули 2024 година, а кај дел за краен рок се зема септември 2024 година, инвеститорот како и да е доцни повеќе од една година, а за тоа доцнење се предвидени пенали кои треба да бидат исплатени кон купувачите, а изнесуваат 0.01 отсто од вредноста на станот за секој ден што се доцни, а максималната сума што им следува за задоцнетата изградба може да изнесува 3 отсто од вредноста на станот.
– Во мојот преддоговор како краен рок е зададен јули 2024 година, денес сме ноември 2025 година, така што веќе се доцни повеќе од една година, а пеналите што ќе ги добиеме не можат да изнесуваат повеќе од 3 отсто од вредноста на станот. Таа сума се достигнува по околу една година задоцнување, со што по достигнување на максимумот од 3 проценти, пенали за инвеститорот веќе нема, односно станарите не можат веќе да го наплаќаат изгубеното време што го потрошиле во чекањето за својот стан – вели купувач што има стан во зградата 4.
Купувачот нè информираше дека ниту една зграда не е готова, но според него, во најнапредна фаза на изградба е зградата 4, во која веќе има и еден лифт што е пуштен во употреба, за кој од „Порта инженеринг“ обвинија дека бил користен за пренесување мебел, со што се оштетувале сензорите на лифтот, па биле принудени да го сервисираат и повремено да не биде во функција.

За разлика од зградата 4, во зграда 3 најбавно оди изградбата, каде сѐ уште не е наместена санитарија, парно, плочки, нема „втора рака“ бојадисување на ѕидовите и нема секаде струен приклучок.
Инженерите за овој проблем информираа дека во моментов се работи и на двата дела од зграда 3, бидејќи има два посебни влеза, и најавија дека до почетокот на 2026 година, односно до јануари, становите ќе бидат подготвени за нивните купувачи.
Во однос на надворешноста на овој комплекс, купувачите се пожалија дека сѐ уште нема контејнери за фрлање на отпадот како и бетонирани тротоари, за што инвеститорите одговорија дека контејнерите може да ги издаде ЈП „Комунална хигиена“ Скопје за што повторно, како и за повеќето работи што се споменати погоре, потребен е извештај за техничка исправност.

Извештајот за техничка исправност „се крчка“
Извештајот за техничка исправност, кој е главната „кочница“ во овој процес на изградба на зградите, е документ што се добива од одредени надзорни органи и испитува исправност на зградите во однос на достапноста до струја, водовод и одвод, електрична енергија и парно меѓу останатото, а без овој документ, инвеститорот не може да го изготви имотниот лист на станарите, процес што иако може да потрае подолго време, со самиот извештај прашање на време е кога купувачите на становите ќе го добијат имотниот лист во своите раце.
Во однос на критериумите и условите за техничка исправност, инвеститорот потенцираше дека зградите 3 и 4 се подготвени и ги исполнуваат сите услови и дека веќе подолго време го чекаат изготвувањето на овој извештај.
„Зградите 3 и 4 се подготвени за Извештајот за техничка исправност, има вода, струја, парно каде што треба и канализација, барањето е и испратено и според нашите предвидувања тој ќе биде изготвен до 15 декември годинава, по што веднаш ќе се обидеме да ги добиете имотните листови за вашите станови пред завршувањето на 2025 година“, информираше инвеститорот.
Станарите се разочарани и изреволтирани, особено бидејќи поголем дел од нив веќе со години имаат целосно платен стан што не можат да го користат и се принудени да живеат под кирии, а има и дел од нив кои имаат платено 90 отсто од вредноста на просторот. Тие бараат брзо решавање на овие проблеми, за кои добија уверување од инвеститорот дека до декември ќе биде среден проблемот со Извештајот за техничка исправност, а до Нова година ќе бидат изготвени имотните листови за да се избегне плаќањето дополнителни даноци за финалната фактура.

Останува да видиме дали сè ќе се одвива по последно соопштениот план и дали купувачите по три години конечно ќе можат да почнат да ги користат своите станови


