Најголемата криптоберза во светот, „Бајненс“, е на раб да ја изгуби својата лиценца во Европа
Водечката светска криптоберза, кинеската компанија „Бајненс“ вчера соопшти дека верува оти работи во согласност со регулаторната рамка на Европската Унија позната како Пазари на криптосредства (МИКА), откако „Ројтерс“ објави дека компанијата наскоро би можела да го изгуби правото да услужува клиенти во ЕУ.
Препорачано
Повикувајќи се на два извори запознати со ова прашање, Ројтерс пишува дека се очекува грчкиот регулатор на капиталните пазари да го отфрли барањето на „Бајненс“ за MiCA-лиценца пред крајниот рок на 30 јуни.
-Работевме на добивање на МИКА-лиценцата и конструктивно соработувавме со регулаторите во текот на изминатите 18 месеци, вклучително и сеопфатен процес на аплицирање преку Грчката комисија за капитални пазари (ХЦМЦ) – изјави портпарол на „Бајненс“. Тој додаде дека според нивните сознанија, ХЦМЦ го завршила прегледот на барањето и проценила дека ги исполнува барањата на МИКА.
Во декември минатата година, „Бајненс“ основа холдинг-компанија во Грција, а во јануари официјално аплицираше за МИКА-лиценца преку ХЦМЦ. Доколку лиценцата биде одобрена, „Бајненс“ би можела да ги понуди своите услуги во други земји од Европската Унија, вклучувајќи ги Франција, Шпанија и Германија.
Во спротивно, компанијата би можела да биде принудена да ги прекине операциите низ Европската Унија, што „Ројтерс“ го наведува како многу веројатно сценарио.
-Наш приоритет е да ги минимизираме потенцијалните прекини и навремено да ги информираме корисниците за какви било промени. Ќе објавиме дополнителни информации за следните чекори и достапните опции штом ќе станат достапни, објавија од „Бајненс“ на „Икс“.
Во објава на својот блог, компанијата забележа дека Европа останува „клучен дел од долгорочните планови“ и дека „Бајненс“ останува подготвена да работи во рамките на единствениот регулаторен систем на МИКА. На почетокот на годината, француските регулатори објавија дека околу 90 криптокомпании работат без да ги почитуваат правилата на МИКА, додека приближно 30 проценти од нив аплицирале за лиценца.
Минатата година, француските власти дури и размислуваа за ограничување на таканареченото „пасоширање“ на лиценците, т.е. можноста компанија со една MiCA-лиценца да работи во сите земји членки на ЕУ. Целта беше поголемиот дел од надзорот да се префрли на Европскиот орган за хартии од вредност и пазари (ESMA).
Портпаролот на „Бајненс“ изјави дека според информациите што ѝ се достапни на компанијата, нивното барање за MiCA-лиценца е исто така предмет на разгледување на ниво на ESMA.
Потенцијалното одбивање на лиценцата би претставувало еден од најголемите регулаторни предизвици за „Binance“ во Европа и би можело значително да влијае на работењето на најголемата криптоберза во светот на пазарот на Европската Унија.
Која е жената што доаѓа на чело на најголемата криптоберза „Бајнанс“?


