Фото: Општина Карпош

Големите трошоци и малата поддршка од институциите се пречки за граѓаните сами да произведуваат струја, велат од „Еко-свест“

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори за првпат им овозможува на граѓаните, локалните власти и малите претпријатија заеднички да инвестираат во производство, користење и споделување на зелена енергија, т.е. енергија добиена од обновливи нефосилни извори. Од организацијата „Еко-свест“, од една страна, нагласуваат дека новиот Закон ги дефинира енергетски заедници, но истовремено недостасува процедура за нивно основање, пренесува Мета.

Според „Еко-свест“, граѓаните сега ќе можат да создаваат енергетски заедници преку кои можат да произведуваат, складираат, користат и продаваат струја, притоа да ја распределуваат произведената енергија меѓу своите членови согласно меѓусебни договори, самостојно или преку агрегатор да учествуваат на пазарот на енергија, да стекнат статус на повластен производител и да користат мерки за поддршка.

Сепак, посочуваат од организацијата, законот не содржи детална процедура (чекор-по-чекор) за нивно основање. Во самиот закон сè уште не се прецизирани моделите за распределба и методологијата за пресметка на уделите меѓу членовите, ниту пак административната постапка за регистрација и приклучување.

Овие прашања треба да се доуредат со подзаконски акти и прописи на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем.

„Ја поддржавме месната заедница во Белица со инсталација на фотоволтаични панели на едукативниот центар за развој во Белица. Нашите неодамнешни истражувања на перцепциите и ставовите на населението во општините Новаци и Вевчани за енергетските задруги се позитивни, при што главни мотиватори се еколошките и економските придобивки. Како клучни фактори при одлуката за основање или пристапување кон енергетска задруга се висината на почетната инвестиција и трошоците, поддршката од државата и општината и очекуваната финансиска корист. Главни пречки за граѓанско учество се финансиските ограничувања, недовербата, недостигот на информации и недоволната институционална поддршка од општините“, вели Жарко Конески, Програмски координатор за енергија од „Еко-свест“.

Законот дефинира дека примарната цел на заедниците мора да биде обезбедување еколошки, економски и социјални придобивки за членовите и локалната заедница, а не остварување профит.

Новиот закон ја дефинира енергетската заедница како правно лице основано на доброволна основа и отворено учество и овозможува широко локално учество и членство во енергетските заедници каде членови можат да бидат граѓани, општини, микро, мали и средни претпријатија и јавни установи. Исто така, постои можност за различни комбинации на здружување општина и група граѓани, згради, граѓани и мали локални компании, или целосно приватни иницијативи без учество на локалната самоуправа.

„Еко-свест“: Македонија да инвестира во обновливи извори на енергија, а не во инфраструктура за гас

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот