„Еко-свест“: Македонија да инвестира во обновливи извори на енергија, а не во инфраструктура за гас
Македонија повеќе да се сврти кон обновливите извори на енергија, отколку кон инвестициите во гасна инфраструктура, бараат од еколошката организација „Еко-свест“. Таа се приклучи на група од скоро 50-ина организации кои, во пресрет на 3SI Самитот во Дубровник, ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан, како што велат, да се спротивстават на притисоците од САД и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани.
Препорачано
Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека „наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива“.
Во споредба со Европската Унија, организациите посочуваат дека земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година гасот сочинуваше над 20 отсто од достапната енергија во ЕУ. Во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.
„Наместо ова да се гледа како предност што треба да се искористи, повеќето влади во Западен Балкан активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година. Според заедничката изјава, тие или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални инвестиции“, соопштуваат од „Еко-свест“
Според Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели.
„Нашата најнова анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктува во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки во земјава би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени CO₂ емисии. Државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани“, посочува Чоловиќ Лешоска.
Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.


