ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Елена Николовска, „Еко-свест“: Неопходно е што поскоро да се формира фонд за енергетска ефикасност
Македонија и понатаму се соочува со алармантно ниско ниво на енергетска ефикасност, а клучната алатка за подобрување – Фондот за енергетска ефикасност – останува само на хартија. Овој Фонд е предвиден во Законот за енергетска ефикасност уште во 2020 година, а со измените на Законот за развојна банка во октомври 2023 година, прецизирано е дека Банката треба да го менаџира, а парите да се обезбедат од Буџетот, донации, заеми, кредити… Во меѓувреме се формира Министерство за енергетика, кое најавува дека еден од фокусите му е токму овој фонд.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Елена Николовска од „Еко-свест“, која гостуваше во студиото на „Слободен печат“, истакнува дека секој ден одложување на Фондот, значи одложување на подобрувањето на енергетската ефикасност, тоа пак значи поголема потрошувачка на електрична енергија, која кај нас сè уште во најголем дел се добива од јаглен, поголемо згадување, поголеми трошоци за здравство и поголема енергетска сиромаштија.
– Ние сме на многу ниско ниво со енергетска ефикасност. Според едно истражување на УНДП од пред пет-шест години, дури 90 проценти од објектите во Скопје немаат термичка изолација или имаат несоодветна, што ги прави еден од најголемите потрошувачи на енергија во земјата. Направени се некои обиди да се подобри енергетската ефикасност кај јавните објекти, преку проект на Светска банка, работено е на болниците, и тоа е за поздравување затоа што тоа се големи објекти и големи потрошувачи на електричната енергија, но има уште многу работа на енергетски ефикасни објекти – вели Николовска.
Таа објаснува дека е предвидено Фондот прво да ги опфати јавните згради и дел од бизнис-секторот. Дури во втората фаза би се пристапило кон финансирање енергетска ефикасност во домаќинствата и станбените згради.
Од „Еко-свест“ подготвиле анализа со искуства од европските фондови за енергетска ефикасност, со цел домашниот модел да се подобри уште пред да почне да работи. Особено добра практика, според нив, има Грција.
– Во Грција, овој фондот функционира како јавен фонд во рамките на Министерството за животна средина. Сите еколошки такси, казни и средства од загадувачи одат директно во фондот, а потоа се распределуваат за мерки за енергетска ефикасност и заштита на природата. За нас ова е многу прифатливо затоа што станува збор за институција што е домаќин на мерките за климатска акција и која е домаќин на мерките за животна средина, па е најблиску до решението за што најдобро би се потрошиле овие пари – вели Николовска.
Таа посочи дека во Србија фондот е во ресорот енергетика, во Косово функционира како независна институција, слично на моделот предвиден кај нас. Во Хрватска е јавна институција основана со Закон за заштита на животната средина.
Анализата покажува дека две работи се исклучително важни поенти. Едната е фондот да се формира и да работи во согласност со законски регулирана процедура, и друго, сите трошења на пари и приоритетни проекти да се објавуваат јавно.
– Само така граѓаните и донаторите имаат доверба дека средствата нема да бидат злоупотребени – додава Николовска.

Николовска нагласува и дека сме во процес на енергетска транзиција што скапо ќе нè чини сите, а тоа е уште една причина за ефикасни решенија за енергетска ефикасност. Според националните документи, земјата има цел до 2030 година да ги затвори двете термоелектрани на јаглен. Но за да биде ова безболно, мора да се вклучат локалните заедници – особено во Битола и во Кичево.
– Тие треба да бидат дел од сите одлуки. Ова не смее да се прави без работниците, синдикатите, бизнисите и граѓаните од регионите што најмногу ќе се погодат – вели Николовска.
Таа смета дека Министерството за енергетика мора да работи многу повеќе со општините, кои често остануваат по страна, а имаат клучна улога.
Од ВИДЕОИНТЕРВЈУТО можете да слушнтете и како се справуваме со аерозагадувањето, како и дали е добар, или лош новиот Законот за контрола на индустриските емисии, во кој се споменува дека компаниите имаат право да скријат информации за суровини, хемикалии и процеси и да ги класифицираат како „деловна тајна“.


