Здружението на медицински сестри за вработувањата во Итната медицинска помош порачува: Конкурси ќе имате, кандидати нема да имате!
Откако „Слободен печат“ денеска објави дека во Итната медицинска помош Скопје, на конкурс за медицински сестри кои ќе добијат решение за постојано вработување извисиле 4 медицински сестри со 5-годишен стаж и на нивно место на ранг-листата биле примени кандидатки од ординации во поликлиники или такви што имаат само 2 месеци искуство, со реакција се јави Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри.
Препорачано
Системот ги брка медицинските сестри бидејќи не ги вреднува и не го препознава нивното знаење, искуство важност и достоинство- невидливи се! Последните информации за начинот на кој беа спроведени вработувањата во Здравствен дом-Скопје -Итна медицинска помош, не се само уште една вест туку се потврда за она на што Сојузот на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри предводен од ЗМСТАС -НАС на Македонија предупредува со години, а тоа е дека медицинските сестри немаат системска заштита, немаат институционален глас и премногу лесно стануваат жртви на неправедни постапки, пишува во реакцијата.
По објавувањето на нашиот текст, четирите медицински сестри дознаа дека се одјавени и практично додека не завршат судските процеси против Здравствен дом Скопје – немаат ниту здравствено осигурување, ниту им тече стажот, ниту пак имаат работно место!
Од Сојузот велат дека да работиш со години со договор на дело, без работен стаж, без социјална сигурност и без достоинствен работен статус, а секој ден да носиш одговорност за човечки живот, само по себе е понижувачки.
️И кога по сето тоа ќе останеш без вработување, иако зад себе имаш искуство, едукации, ноќни смени, празници поминати на работа и илјадници згрижени пациенти, тогаш не зборуваме за изолиран случај – зборуваме за системски проблем.
А наградата за трудот е обезвреднување на професијата Нашата борба не е против раководителите или директорите, не е против која било власт или политичка партија. Нашата борба е за достоинството на медицинската сестра! Не бараме привилегии. Бараме критериуми што ќе го вреднуваат знаењето, искуството, стручноста и професионалноста. Бараме транспарентни постапки и еднаква можност за сите, додаваат оттаму.
Од Сојузот велат дека денес, кога на медицинските сестри им се повредуваат правата, најчесто единственото што им преостанува е да бараат правда пред суд што е пораз за системот, а не за медицинската сестра.
Сојуз јасно порачува – медицинските сестри го бараат своето место во институциите.
Бараме да учествуваме таму каде што се носат одлуките за нашата професија. Ниту една политика, ниту еден закон и ниту една одлука што ги засега медицинските сестри не смее да се носи без претставници на медицинските сестри. Предолго други одлучуваат за нас. Време е медицинските сестри да бидат слушнати. Професија што го носи здравствениот систем не смее да биде понижувана, потценувана и третирана како заменлива работна сила.
️Кога ќе го изгубите достоинството на медицинската сестра, го губите достоинството на целото здравство. Сојузот нема да молчи. Ќе продолжиме гласно да бараме законска заштита, институционално претставување и достоинствен третман за секоја медицинска сестра. Затоа што без почитувана медицинска сестра нема силно здравство, а без силно здравство нема здрава нација.
Нашата најголема подршка се пациентите и нивната вредност! Пациентите не заслужуваат вакво пазарување на трудот на медицинските сестри! И еден ден конкурси може ќе има но кандидати за конкурс нема да има, бидејки ќе одат во други држави , ќе си ја променат професијата и ќе си заминат бидејки не се паушални бројки, не се трошок, и не сакаат повеќе луѓе кои својата важност на политички фигури, во измислени позиции.. ќе се важни токму преку грбот на медицинските сестри!, порачуваат од Сојузот.


