Итната помош во Скопје е за на интензивна нега
Службата за Итна медицинска помош во Скопје крахира. Наместо да има 15 екипи во кое било време, колку што е стандардот за покриеност во сооднос со бројот на жители на главниот град, Итната помош едвај „крпи“ 5 до 6 тима во една смена. Возач од службата чиј идентитет е познат на нашата редакција, но инсистираше на анонимност поради страв од одмазда, сподели дека до неодамна комбињата не ги примале ниту на автосервис.
Препорачано
-Влегов со амбулантното возило во сервисот и сопственикот ми рече: „Излегувај надвор, кога ќе платат, тогаш ќе има сервис“, ни рече тој.
Во меѓувреме, тврди тој, отпуштани од работа биле медицински сестри, доктори си заминувале, а службата се нашла во долгови за сервисирање на возилата што беа донација од Европската Унија. Во Здравствен дом Скопје прашавме дали во моментов се исплатени доверителите за сервис на комбињата.
Директорот на Здравствен дом Скопје Самир Исени за „Слободен печат“ потврди дека имало проблем со исплаќањето на доверителите за сервис на возилата на Итната помош, но според него, проблемот е надминат. Запрашан зошто тогаш во цело Скопје има само 5-6 тима на Итната помош, тој рече дека проблемот е што нема медицински кадар.
-Колку што знам јас, надлежните од технички служби го надминаа проблемот и сега возилата редовно се сервисираат. А тоа што има само шест тима за цело Скопје, прашањето е поврзано со недостиг на кадар. Се очекуваат согласности за нов кадар, нови вработувања. Во јануари испративме барања за согласност да се вработат 35 екипи. Одговор од Министерството за финансии немаме – ни рече директорот.
Мртвопроверителската служба во склоп на Итната помош, која што требаше да профункционира, не постои. Граѓаните се оставани самите да констатираат смрт, или да почекаат некој од шесте тима да се ослободи, па на враќање од интервенција попатно да констатира смрт која настапила кај граѓанин. Во моментов во поликлиниката „Букурешт“ има три тима на Итната помош, во поликлиниката „Јане Сандански“ има два тима, а во Чаир кога има, а кога нема ниту еден тим. Освен во Скопје, овие шест тима се задолжени да интервенираат и кога ќе се случи сообраќајна несреќа на автопатите кон Велес и кон Тетово.
Нашите извори од оваа занемарена медицинска служба тврдат дека дополнителни проблеми на веќе напластените, им прави и системот „Сејф сити“ во главниот град. И покрај тоа што табличките на возилата на Итната медицинска помош се изоставени од системот, поточно возилата на Брзата помош не се казнувани ако поминат на црвено или ако направат нешто што за другите се смета за сообраќаен прекршок, сепак граѓаните не ги поместуваат своите возила од крстосниците за да направат пат за итната помош, од страв дека „Сејф сити“ ќе ги казни нив.
Сообраќајки, срцеви и мозочни удари чија сезона се приближува поради промената на временските услови и температури, големи настани за чија организација неопходно е присуство на амбулантно возило – сите тие се препуштени на редуциран кадар кој работи во лоши услови. Конкретно, четири тима работат дополнителна дејност, за тековното Младинско ракометно првенство каде мора да има амбулантно возило.
Граѓаните се жалат дека кога ќе повикаат екипа по дифолт од нив се бара самите да го кренат пациентот и да го стават на носилката, а тријажата која ја прави оператор понекогаш ги остава без итната медицинска услуга.
Така, Службата за итна помош во Скопје е една опасна, голема импровизација.
Од Министерството за здравство ги побаравме сите упатства за внатрешна организација на дејноста – како се врши тријажата на пациентите, односно како се одлучува кој е итен, а кој нема да добие возило со медицински тим, дали постои временски рок во кој возилото мора да пристигне на место на сообраќајка или на итен здравствен настан, како се одлучува во која здравствена установа ќе биде пренесен пациентот откако ќе биде преземен и дали има правило тоа да биде локациски најблиската јавна здравствена установа.
Документите ги очекуваме, но неофицијално, секоја медицинска екипа на Итната помош мака мачи да обезбеди јавна здравствена установа што ќе им го прими пациентот кој го транспортираат. Честа е глетката во Клинички центар „Мајка Тереза“ да се моли во болниците пациентот што дошол со Итна помош да се хоспитализира. Голем дел од функционирањето на оваа служба е оставено на субјективна проценка на операторот, нерегулирана со акти во услови на исклучително мал број тимови. Во некои градови од внатрешноста операторот што ги прима повиците не е доктор, туку е медицинска сестра.
Доктори што повеќе години работат во Итната медицинска помош велат дека ургентните состојби имаат предност, поточно се дава предност на пациенти со симптоми како градна болка, бессознание, сообраќајка, убиство со огнено оружје, мозочен удар. Граѓаните пак, честопати не ја кажуваат вистината за возраста на пациентот, затоа што знаат дека помладите пациенти во неформалниот свет на Итната помош, имаат предност. Но, со ниеден акт не е регулирано за колку време треба да дојде тимот, ниту пак дека најблиската болница е таа во којашто треба да се транспортира пациентот откако ќе биде преземен.
На сила во сите здравствени домови во државата е Правилник за организацијата и начинот на вршење на работите од Итната медицинска помош. Правилникот е општ. Во него се наведува дека итната медицинска помош треба во секое време и во најкраток рок од настанувањето на итната состојба до почетокот на дијагностичките и терапевтските постапки да им се овозможи континуирано итно медицинско згрижување на луѓето на кои поради болест, медицинска состојба или повреда непосредно им е загрозен животот или здравјето, поединечен орган или делови на телото. Итните медицински постапки се спроведуваат на местото на настанот, за време на транспортот во возилото на Итната медицинска помош и во простории на јавна здравствена установа.


