Два брода потонале кај Мјанмар, се стравува дека загинале над 500 луѓе
Два чамци со бегалци потонале во близина на брегот на Мјанмар, соопштија утрово агенциите на ОН, а се стравува дека загинале повеќе од 500 луѓе, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Двата брода тргнале од државата Ракајн во Мјанмар кон крајот на јуни, превезувајќи главно припадници на етничкото малцинство Рохинџи, меѓу кои, според извештаите, имало и луѓе од бегалски кампови во Бангладеш, соопштија во заедничко соопштение Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
„Иако инцидентите и бројот на жртви сè уште не се официјално потврдени, УНХЦР и ИОМ се длабоко загрижени поради потенцијално катастрофалната загуба на животи“, се вели во соопштението.
Припадниците на долго прогонуваното муслиманско малцинство Рохинџи со години ги ризикуваат своите животи на нестабилни дрвени чамци, во обид да избегаат од насилството во својата земја и од очајните услови во пренатрупаните бегалски кампови во Бангладеш, надевајќи се на подобар живот во земји како Малезија, Индонезија и Тајланд.
Според ОН, минатата година во Андаманското Море и во Бенгалскиот Залив загинале или исчезнале речиси 900 бегалци Рохинџи, што го прави ова најсмртоносен морски пат за бегалци и за мигранти во светот.
ВО СУДОТ ВО ХАГ: Гамбија ја обвини Мјанмар за геноцид врз Рохинџите
Опасни морски услови
Во најновите инциденти, првиот чамец со околу 250 луѓе го изгубил контактот кратко по тргнувањето, додека вториот брод со околу 280 луѓе, според информациите, потонал кај брегот на Иравади во Мјанмар на 8 јули, соопштија агенциите на ОН.
„Овие патувања се случиле надвор од редовната сезона за пловење, кога морските услови обично се поопасни“, се наведува во соопштението.
Егзодусот на Рохинџите од Ракајн започна во 2017 година, откако војската на Мјанмар започна офанзива во пограничната област, што доведе до тоа најмалку 730.000 луѓе да побараат засолниште во соседен Бангладеш.
Иако Мјанмар негира дека извршил злосторства врз Рохинџите, земјата одбива да ги признае како свои граѓани, тврдејќи дека припадниците на ова малцинство се нелегални имигранти.
Нивната состојба дополнително се влоши по воениот удар во Мјанмар во 2021 година, кој предизвика широка граѓанска војна, во која е вклучена и Ракајн, а населението Рохинџи се најде во вкрстен оган меѓу владините сили и бунтовничката Армија на Ракајн.
УНХЦР и ИОМ соопштија дека годинава во Андаманското Море и во Бенгалскиот Залив се пријавени речиси 300 исчезнати или загинати луѓе, меѓу кои бегалци Рохинџи и државјани на Бангладеш.
Во ноември, чамец со припадници на заедницата Рохинџи потона кај островот Лангкави, во близина на границата меѓу Тајланд и Малезија, при што преживеале околу десетина луѓе.
Рохинџите се на првата линија на граѓанската војна во Мјанмар


