Фото: Паркинзи на Општина Центар

ПОЦ под ревизорска „лупа“: Неправилности во избирањето тендерски понуди, милионски комунални долгови и неевидентирана опрема

Слабости биле утврдени и за доделување на тендери во висина од 4.59 милиони денари, или околу 74 илјади евра, каде што биле поставени несразмерни услови за учество, а претпријатието прифаќало понуди повисоки од проценетата вредност без соодветна анализа, велат ревизорите

Државниот завод за ревизија денеска го објави својот извештај за работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, во кој главно има забелешки во финансиското работење на претпријатието, несоодветно евидентирање на опрема и градежни објекти, како и неправилности во тендерските постапки. Според ревизорите, претпријатието има 86 милиони денари неуплатена комунална такса во општинскиот буџет, како и 20 милиони застарени побарувања.

„ПОЦ“: Новиот систем за паркирање ќе биде фер за сите жители и ќе ги намали злоупотребите на јавните паркинзи

ДЗР утврдил слабости во финансиското управување и работење на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје, односно несоодветно евидентирање на опремата и градежните објекти, неуплатена комунална такса од 86 милиони денари во буџетот на Општина Центар, додека пак 25 отсто од вкупните побарувања се постари од шест години и за нив нема преземени мерки за наплата или обезвреднување.

-ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје има искажано побарувања во износ од 80.120 илјади денари, односно 1.302.764 евра, од кои 20.414 илјади денари односно 331.935 евра се постари од 6 години што претставуваат 25 отсто од вкупните побарувања, за кои не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати – се наведува во ревизијата.

Ревизорите увиделе дека не се соодветно евидентирани опремата и градежните објекти со кои располага „ПОЦ“, како што се паркомати, монтажни конструкции и слично.

-Не се соодветно евидентирани опремата и градежните објекти со која располага јавното претпријатие (паркомати, монтажни конструкции, киоск системи и друга урбана опрема) не се соодветно евидентирани и не е пресметана амортизацијата на набавените материјални средства во 2024 година кои се ставени во употреба, што има влијание на искажаниот финансиски резултат и квалитетот на информациите и податоците кои ги даваат финансиските извештаи – се вели во извештајот.

Потоа, во 2024 година бил извршен отпис на побарувања во износ од 2.2 милиони денари за физички лица за кои не е пресметан и платен данок на личен доход во износ од околу 4.000 евра, што, како што велат од ДЗР, има за ефект помалку уплатени средства во Буџетот на државата.

„ПОЦ“ дебело наплаќа за резервираните паркинзи што прават хаос кај „Мериот“

„ПОЦ“ не извршило попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, а утврдени се неправилности и во благајничките работи, а утврден е и дефицит во однос на бројот на внатрешни ревизори.

-Не е извршен попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, состојбите не се потврдени со соодветни постапки и утврдено е несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија нема изготвено извештај за извршениот попис. Јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики за изготвување, презентирање и обелоденување на финансиските извештаи, завршните книжења за 2024 година не се спроведени во пропишаниот рок, а трговските книги не се заклучени и овозможуваат ретроактивни промени. Ревизијата утврди слабости во благајничкото работење, односно отсуство на интерен акт со кој се регулира ракувањето со готовинските средства, не водење благајнички дневник, некомплетна благајничка документација, како и непреземени мерки за осигурување на готовината што се чува во благајната. Внатрешна ревизија не е организирана во соодветен организациски облик и не е пополнета со потребниот број внатрешни ревизори, поради што не се донесени стратешки и годишен план за внатрешна ревизија за 2024 година – се вели во извештајот.

Исто така, претпријатието заклучно со 2024 година, има неуплатена комунална такса кон Општина Центар во износ од 86 милиони денари, од кои најголем дел се однесувааат на периодот од 2019 до 2023 година.

Преку апликација ќе може да се проверува каде има слободни паркинг-места низ Центар

ДЗР утврдил неправилности во начинот на пресметување на плати и нивната исплата, а дополнително се наведува и дека Правилникот за плати не е усогласен со законот и со Општиот колективен договор.

-Поради примена на Правилникот за плати кој не е усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор, утврдени се неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите и надоместоците, во однос на утврдената вредност на бодот, коефициентите на сложеност по работни места и пресметката на додатокот за работа во смени и надоместоците за боледување – велат од Ревизија.

Слабости биле утврдени и за доделување на тендери во висина од 4.59 милиони денари, или околу 74 илјади евра, каде биле поставени несразмерни услови за учество, а претпријатието прифаќало понуди повисоки од проценетата вредност без соодветна анализа.

-Утврдени се слабости во постапките за доделување на договори за јавни набавки во вкупен износ од 4.590 илјади денари, со реализација во 2024 година од 2.589 илјади денари. Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество, прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се поставувани во законски рок на ЕСЈН, техничките спецификации не се јасно и недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е одговорено – велат од ДЗР.

Ревизорите информираат дека се дадени препораки на „ПОЦ“ и на Општина Центар со цел преземање на мерки и активности за надминување на утврдените состојби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот