Резервирани паркинг места на улицата „Максим Горки“ / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

„ПОЦ“ дебело наплаќа за резервираните паркинзи што прават хаос кај „Мериот“

Во однос на хаосот што секојдневно се предизвикува кај „Мериот“ поради резервираните паркинг-места, директорот на „ПОЦ“ информираше дека неколку банки и хотелот повеќе години имаат договор, а и плаќаат месечни тарифи од по 12.000 денари од паркинг-место за користење, а воедно и „присвојување“ на дел од улицата „Максим Горки“

Во најстрогиот центар на Скопје, веднаш зад плоштадот „Македонија“ се наоѓа можеби и „најтесното грло“ во градот, кое секојдневно се формира на улицата „Максим Горки“, каде што сообраќајниот метеж надополнет и со десетиците паркинг-места резервирани за хотелот „Мериот“ и за околните банки постојано ги заглавува сите возила, меѓу кои и оние за достава на стока.

Иако хотелот „Мериот“ и банките отспротива располагаат со големи подземни паркинг-гаражи, тие веќе со години имаат закупено дополнителни паркинг-места на улицата, кои во поголемиот дел од денот предизвикуваат целосна блокада на сообраќајот на „Максим Горки“, каде што постојано има зголемена фреквентност поради големиот број продавници, компании и други простории лоцирани во строгиот центар на Скопје.

Резервирани паркинг места на улицата „Максим Горки“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Граѓани што секојдневно поминуваат пеш и со своите возила од оваа локација за „Слободен печат“ велат дека ситуацијата е постојано иста – доколку едно поголемо товарно возило застане да ја истовари робата, целата улица е блокирана и нема простор да се размине.

– На работа одам пеш и со велосипед, со автомобил никако бидејќи секојдневно е истата приказна – на „Максим Горки“ нема место ниту пешак да помине, тоа е тотален хаос. Автомобили се паркирани насекаде, а има и комбиња што најверојатно носат стока, кои кога ќе застанат, нема простор автомобилите да се разминуваат, бидејќи десната страна од улицата е исполнета со резервирани и најчесто празни паркинг места низ кои не се поминува, а да не зборувам и за таксистите што се паркираат каде ќе стигнат во околината на „Мериот“, вели граѓанин што работи во околината на Градскиот трговски центар.

„Слободен печат“ за овој проблем со кој се соочуваат граѓаните разговараше со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, кој образложи дека улицата „Максим Горки“ е една од малкуте, ако не и единствена точка во околината на Центар каде што се преклопуваат надлежностите на градското и на општинското претпријатие за регулирање на паркингот, ЈП „Градски паркинг“ на Град Скопје и „ПОЦ“ на Општина Центар.

– Надлежностите на „Максим Горки“ се малку измешани и поради тоа настанува конфузија и кај граѓаните и кај странците. Со првиот дел од улицата, односно од влезот на „Максим Горки“, па сѐ до свијокот што води кон хотелот „Мериот“, стопанисува ЈП „Градски паркинг“, таму чинам има дваесетина паркинг-места. По свијокот, односно од местото каде што паркираат таксистите, па сѐ до крајот на улицата што завршува кај Кејот на Вардар, е во надлежност на „ПОЦ“ – рече Коцевски.

Резервирани паркинг места на улицата „Максим Горки“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Во однос на хаосот што секојдневно се предизвикува кај „Мериот“ поради резервираните паркинг-места, тој информираше дека неколку банки и хотелот веќе неколку години имаат договор со претпријатието и плаќаат месечни тарифи од по 12.000 денари од паркинг-место за користење, а воедно и „присвојување“ на дел од улицата.

– Паркинг местата на „Максим Горки“, фирмите не ги резервирале на своја рака туку повеќе од пет години имаат договор со Општината со кој плаќаат 12.000 денари од паркинг место месечно, а тој договор постои уште пред јас да дојдам на директорската функција во „ПОЦ“, по што се продолжи договорот на овие фирми со што и местата останаа резервирани – вели директорот.

Со оглед на тоа што само „Мериот“ има пет резервирани паркинг-места, а банките имаат приближно уште толку, за изнајмување на десетте паркинг-места Општината месечно инкасира 120.000 денари, или околу 2 илјади евра, што на годишно ниво изнесува околу 24 илјади евра во општинската каса.

Во однос на паркирањето, кај граѓаните што паркираат во првиот дел од „Максим Горки“ каде што стопанисува ЈП „Градски паркинг“, се создава конфузија при наплатата на паркинг поради која многу од нивните возила завршуваат со „канџа“ поради тоа што освен со СМС-пораки, паркирањето се одвива и со грепки што се набавуваат од локалните продавници за чоколада, трафики и слично.

Резервирани паркинг места на улицата „Максим Горки“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Голем дел од странците не се запознаени со овој „модерен“ принцип на наплата, со кој возачот откако ќе го паркира своето возило, оди во една од околните продавници и купува грепка на која има табела со часови за паркирање, а откако ќе ја набави грепката, тој треба да изгребе онолку полиња со часови колку што му се потребни за паркинг, по што ја остава грепката на својот автомобил.

Потоа следува наплата од страна на вработените во „Градски паркинг“, кои постојано „вибрираат“ околу оваа локација и ги проверуваат возилата, небаре чекаат некој од возачите што не е запознаен со овој интересен начин на наплата да не купи грепка и веднаш да добие „канџа“ на своето возило.

Од друга страна, пак, јавното претпријатие „ПОЦ“ веќе е во фаза на воведување нов начин за наплата на паркингот во Центар, кој најверојатно ќе стапи на сила по Нова година, а ќе се одвива преку скенирање на „кју-ар“ код, кој веднаш на мобилниот телефон отвора директен линк за наплата со платежна картичка.

Повеќе од 120 хаварисани возила отстранети во Центар, ПОЦ ја продолжува акцијата

– Со скенирање на кодот, тој автоматски ќе ги носи граѓаните на страницата на „ПОЦ“ каде што ќе се врши наплатата. Секој код ќе биде поврзан со зоната на која е поставен, а корисникот ќе треба да внесе валидна електронска адреса каде што ќе пристигнува известувањето за успешната наплата, која ќе се врши исклучиво со внесување на бројот на платежната картичка. Со ова ќе се олесни плаќањето и за македонските граѓани, како и за граѓаните од странство што немаат пристап до мрежата на домашните мобилни оператори, а исто така и ќе се одбегнуваат трошоците за СМС-пораки – објасни директорот на претпријатието.

Две претпријатија за паркирање и различен начин на плаќање на овој мал простор создава нервоза кај граѓаните, а уште повеќе кај гостите во градот, особено поради фактот дека „Максим Горки“ е улица во најстрогиот центар и на некој начин е лицето на Скопје, каде што фреквенцијата на возила е голема во секое време.

Резервирани паркинг места на улицата „Максим Горки“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Граѓаните се незадоволни и им е преку глава од огромниот метеж на улицата „Максим Горки“, кој според нив најмногу се создава поради резервираните паркинг-места во должина на улицата.

Но, со оглед на тоа што овие „паркинг-кираџии“ редовно си ја плаќаат „дебелата“ месечна обврска кон „ПОЦ“, веројатно хаосот ќе продолжи сѐ додека договорот не истече или, пак, доколку евентуално не се раскине за да се ослободи оваа улица од секојдневниот метеж што постојано предизвикува нервози кај минувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот