„ПОЦ“: Новиот систем за паркирање ќе биде фер за сите жители и ќе ги намали злоупотребите на јавните паркинзи
Наместо како што досега се издаваа по жител, паркинг картите за жители отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адресата на живеење. Со оваа промена, само едното возило пријавено на таа адреса ќе добие повластена цена, додека пак за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
Откако Советот на Општина Центар изгласа покачување на цената на паркинг по возило, од ЈП „ПОЦ“ денеска најавија нов систем на паркирање на јавните површини, со кој, како што велат од претпријатието, просторот ќе се користи порационално, а жителите ќе можат полесно да најдат паркинг во близина на својот дом.
Препорачано
-Токму затоа, со последните одлуки на Советот на Општина Центар, се воспоставува нов систем на паркирање во кој јавниот простор ќе се користи порационално, а жителите полесно ќе можат да дојдат до паркинг место во близина на својот дом, односно таму каде што тоа е најпотребно- велат од ПОЦ.
Оттаму додадоа дека со новиот систем очекуваат да се намалат злоупотребите на паркинзите, да се зголеми користењето на жителските гаражи и паркинзи, особено во Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и строгиот центар, каде, како што велат од ПОЦ, притисокот врз јавниот простор е најголем.
Можеби најважната промена која ќе ја донесе овој нов систем е начинот на издавање на повластени паркинг карти за жители. Наместо како досега – по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адресата на живеење. Со оваа промена, само едното возило пријавено на таа адреса ќе добие повластена цена, додека пак за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
-Досегашниот модел создавал сериозен дисбаланс во користењето на јавниот простор. Во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат и повеќе возила под повластени услови, за бесплатно паркирање или паркирање со минимален надоместок, што дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг капацитет. Паркинг просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг просторот постојано расте, бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен- велат од претпријатието.
Исто така, новиот систем предвидува и воведување на Зона Х за хуманитарни паркинг-места, кои ќе се разликуваат од другите во обележувањето и ќе бидат наменети за ранливите категории. Средствата собрани од нивното користење ќе се донираат за хуманитарни цели, во соработка со Црвен крст, велат од ПОЦ.


