До 2029 година треба целосно да се уреди коритото на Сува Река во Сарај
Општина Сарај и Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го најавија проектот за целосно уредување на коритото на Сува Река во општината, со вкупна должина од 12 километри.
Препорачано
Проектот од шест милиони евра предвидува уредување на коритото од селото Бојане до селото Глумово.
Градоначалникот на Општина Сарај, Илијас Весели, оцени дека ова е една од најзначајните инвестиции на Општината, со која драстично ќе се намалат ризиците од поплави и стравот кај локалците.
– Тука ги поставуваме темелите на една од најзначајните историски инвестиции што досега ги имала Општина Сарај, тоа е целосно уредување на коритото на Сува Река. Со години наназад, жителите на селата долж коритото живееја под постојана закана од поплави. Ги гледаа своите земјоделски површини оштетени, своите домови изложени на ризик, а безбедноста на нивните семејства со секоја нова дождлива сезона беше ставана под знак прашање. Денес ова поглавје на загриженост се затвора – истакна Весели.

Тој посочи дека градежните работи официјално почнале на 7 јули, а реализацијата на проектот ќе се одвива етапно до 2029 година.
– Проектот предвидува уредување на речното корито во должина од 12 километри, од селото Бојане до Глумово, каде што Сува Река се влева во реката Треска. Станува збор за повеќегодишен стратешки ангажман кој ќе се реализира во периодот од 2026 до 2029 година. Градежните работи официјално започнаа на 7 јули – нагласи Весели.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, истакна дека Министерството има издвоено 379 милиони денари за регулација на коритото на Сува Река, што, според него, директно ќе придонесе кон решавање на долгогодишните проблеми на граѓаните.
– Присуствуваме на еден капитален проект кој со децении беше само ветување, а денес станува реалност. Регулацијата на коритото на Сува Река е директно решение за долгогодишните проблеми на граѓаните од овој крај. За оваа намена, како Министерство за животна средина и просторно планирање, обезбедивме над 379 милиони денари– изјави Хоџа.


